Eren Beksaç
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ЈАРИЊЕ (АА) - Протестите што започнаа на северниот дел на Косово продолжуваат откако Косово не дозволи во неговата територија да минуваат возила со српски регистарски таблички, а на возилата им беа дадени привремени косовски таблички, јавува Агенција Анадолија (АА).
Патот до граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ на српската граница на северниот дел на Косово е блокиран со барикади поставени од демонстрантите косовски Срби.
Косовските безбедносни сили стојат на 100 метри пред демонстрантите.
Засега на граничните порти, кои ги чуваат специјални единици на косовската полиција, ситуацијата останува мирна.
Потсетуваме, од 20 септември 2021 година Косово не дозволува да минуваат возила со српски регистарски таблички и на возилата им беа давани привремени косовски регистерски таблички, а тоа создаде тензија меѓу двете земји.
Во соопштението дадено од Министерството за внатрешни работи на Косово се наведува дека возилата со српски регистарски таблички не ќе може да влегуваат во косовската територија, а на возилата што влегуваат во земјата, ќе им се даваат привремени косовска таблички.
Во соопштението беше истакнато дека договорот за слободно движење на сообраќајот потпишан меѓу двете земји во 2016 година истече на 15 септември и дека само возилата со регистарски таблички на Република Косово ќе може да циркулираат во земјата.
Исто така, се наведува дека привремените таблички ќе бидат поставувани на ветробранското предно стакло и задното стакло на возилата, додека вистинските таблички ќе бидат отстранети.
Косовскиот премиер Албин Курти, истакнувајќи дека одлуката не е наменета за Србите во Косово, рече: „Нашата цел не е провокација или нестабилност. Сѐ што е направено е според законот. Ние само ја спроведуваме неопходноста од истечениот договор.“
На влезот во Србија, слична практика се применува кај оние возила со косовски регистарски таблички околу 10 години. Се отстрануваат вистинските таблички на возилата со косовски регистарски таблички и се ставаат привремени таблички на ветробранското предно стакло и задното стакло.