Zylfije Adem Jakupi
11 Декември 2022•Ажурирај: 11 Декември 2022
ПРИШТИНА (АА) – Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека синоќа на северот на Косово, кај Рударе, каде што се поставени барикади, била нападната извидувачка патрола на ЕУЛЕКС со шок-бомба, и дека нема повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од ЕУЛЕКС потврдуваат дека „синоќа кај Рударе била фрлена шок-бомба врз извидувачка патрола на ЕУЛЕКС“.
„Не е повреден ниеден службеник на Специјализираната полициска единица на ЕУЛЕКС, ниту е причинета материјална штета. Овој напад, како и нападите врз службениците на Полицијата на Косово, се неприфатливи“, наведуваат од ЕУЛЕКС и додаваат дека најостро ги осудуваат насилните дела извршени од вооружени лица на северот на Косово, вклучително и против меѓународната заедница.
„ЕУЛЕКС ќе продолжи да работи со одлучност да ја поддржи стабилноста на Косово, во рамките на својот мандат, и да придонесе за безбедноста на неговото население од сите заедници. Апелираме до одговорните да се воздржат од понатамошни провокативни акции и ги повикуваме косовските институции да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.
И Косовската полиција соопшти дека синоќа од различни локации во три случаи е пукано врз полициски единици кои биле на службена должност во близина на браната на езерото Газивода.
„Полициските единици во самоодбрана беа принудени да одговорат со огнено оружје на криминалните лица/групи, кои се повлекле и се оддалечиле во непознат правец“, истакнаа од полицијата и наведоа дека нема официјални информации за повредени или евентуална штета.
Претходно од Косовската полиција соопштија дека од безбедносни причини, додека патиштата се блокирани, затвориле за сообраќај два гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак.
Косовската полиција претходно наведе дека на Граничниот премин „Јариње“ е задржан осомничениот Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, поради основано сомнение за вмешаност во кривични дела тероризам и напад на уставниот поредок.
Пантиќ е осомничен за учество во организирање на нападот врз канцеларијата на Централната изборна комисија и напади врз службеници на ЦИК и Косовската полиција во вторникот во Северна Митровица и Зубин Поток.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вчера ги одложи вонредните избори во четири општини на северот на Косово, закажани за 18 декември, за 23 април 2023 година, поради немање безбедност за нивно одржување.
Во Северна Митровица и Звечан во последните денови се забележани инциденти поради подготовките за одржување на вонредните избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници, поради одлуката за регистарските таблички, ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството.