Zülfiya Yakup
07 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
ПРИШТИНА (AA) – Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, соопшти дека Косово оваа година нема да присуствува на церемонијата за доделувањето на Нобеловите награди во Стокхолм поради контроверзниот добитник на Нобеловата награда за книжевност Петер Хандке, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пацоли на својот фејсбук-профил напиша дека потврдува дека амбасадорката на Косово во Шведска ќе ја бојкотира церемонијата за доделување на Нобеловите награди.
„Потврдувам дека нашата амбасадорка г-ѓа Шкендије Геци-Шерифи ќе го бојкотира тој настан поради контроверзниот добитник на Нобеловата награда, Петер Хандке, пријател и приврзаник на политиката на Милошевиќ. Исто така, очекувам дека слично ќе постапи и амбасадорот на Албанија“, наведе Пацоли.
Овогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност, австрискиот книжевник Петер Хандке, познат е по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.
Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, во Косово и во регионот предизвика бројни негативни реакции, а одржан е и протест пред Амбасадата на Шведска во Приштина.
Во понеделник во Стокхолм ќе биде одржан голем протест поради одлуката на Шведската академија за доделување на наградата на Хандке.