Husamedin Gina
06 Декември 2019•Ажурирај: 07 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството ги додели сертификатите на родовите претставници и го промовираше Упатството и Водичот за заштита од вознемирување на работно место, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Шекеринска, по доделувањето на сертификатите на 35 родови претставници во Министерството за одбрана и Армијата на Северна Македонија даде изјава за медиумите.

Истакнувајќи дека родовите претставници се советници кои ќе бидат на располагање на сите вработени во Министерството и во Армијата, министерката Шеќеринска рече дека тие ќе бидат првата помош на сите оние кои се соочиле со вознемирување на работното место.
„Тие родови советници ќе бидат првиот контакт, првата помош кон сите оние кои што се соочиле со вознемирување, кои што истото сакаат да го пријават, и кои што сакаат да добијат помош, за да со истото се справат“, нагласи Шекеринска.
Шекеринска наведувајќи дека вознемирувањето не е дел и не смее дел од работните навики и работната култура подвлече: „Без разлика дали се работи за луѓе во Министерството или во Армијата, без разлика дали се работи за мажи или жени, нашата порака е дека вознемирување на работно место не е прифатлив дел од работната дисциплина, не е прифатлив дел од работната рутина“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Шекеринска рече дека „ако се залагаме за членство во НАТО, неопходно е прво да се донесе Законот за одбрана кој е клучен дел за членството на Северна Македонија и кој е ставен на дневен ред во Собранието на 11 декември."
Настанот се вклучува и во глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојките.
Упатството и Водичот за справување со насилство, вознемирување на работно место, вклучувајќи го и сексуалното вознемирување се изработени во соработка со Канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.