Zylfije Adem Jakupi
02 Август 2022•Ажурирај: 02 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - Два гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак, беа отворени вчера во доцните попладневни часови, откако локалните Срби целосно ги отстранија барикадите од патиштата што претходно ги поставија со цел да спречат спроведување на одлуката на Владата на Косово за реципрочни мерки кон српските документи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, соопшти дека граничните премини се отворени за граѓаните.
„Барикадите кои ги поставија српските нелегални структури ги поставија, сега сами се целосно отстранети. Слободата на движење е целосна, а граничните премини Јариње и Брњак се отворени за граѓаните“, објави Свецла на Фејсбук.
Министерот напиша дека маскирани групи со долги пушки, на чело со Белград, а кои доаѓаат од Србија, почнале да напаѓаат косовски граѓани, брутално да ги тепаат, а денеска пукале и кон полицајци со цел да ги убијат.
„Овие напади беа подготвувани долго време и овие подготовки кулминираа со средби во Белград и Рашка. Ваквите напади не придонесуваат за стабилноста на нашите земји и регион затоа што пред сè нашата Влада донесе две одлуки почитувајќи ги домашните и меѓународните закони. Како што ветивме, како Влада на Република Косово, со отстранување на барикадите и обезбедување слобода на движење за нашите граѓани, спроведувањето на одлуките го поместивме за 1 септември 2022 година, со цел да се одржи стабилноста во земјата и регионот“, истакна министерот.
Тој оцени дека „создавањето паника, предизвикувањето општа опасност, движењето на вооружени и маскирани лица во државата, бруталното претепување на нашите граѓани како и обидот за убиство на наши полицајци“ е недозволиво и во оваа насока интензивно се води истрага и дека правдата несомнено ќе биде задоволена.
„Употребата на такви криминални групи за дестабилизација на земјата од српска страна не ја загрозува само нашата земја, а станува уште посериозна кога Србија, која сака да ги постигне своите цели преку такви групи, ќе ја добие целосната и веќе јавна поддршка од Москва“, нагласи тој.
Додаде дека синоќа имало и кибернапади кои имале намера да го попречат функционирањето на државата против кои биле преземени сите неопходни мерки, и дека системот бил успешно заштитен.
Министерот се заблагодари на меѓународните соработници на правилното разбирање на ситуацијата и на нивниот конструктивен став.
Според одлуката на Владата на Косово од 29 јуни, реципрочните мерки опфаќаат издавање обрасци за привремена изјава на граничните премини на лица кои влегуваат во Косово со српски лични карти, додека втората мерка е двомесечен процес на пререгистрација на нелегални регистарски таблички со ознаки на косовските градови „ПР“, „КМ“, „ПЗ“ и слично, издадени од Србија, во табличките на Република Косово.
По барикадите на патиштата и преговорите со странските партнери, Владата на Косово се обврза да го одложи спроведувањето на мерките за 30 дена.