Zylfije Adem Jakupi
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, смета дека решението за таксите кое тој го предложи, таксите од 100 отсто потполно да се заменат со реципроцитет со Србија, е најдобро, најправилно и најпаметно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Курти по посетата на Здружението на политичките затвореници на Косово изјави дека е заинтересиран во Владата да биде единствен ставот во врска со неговиот предлог кој го изнесе кон крајот на февруари на прес-конференцијата, и дека својот предлог затоа сѐ уште не го ставил на гласање.
„Сметам дека решението кое го предложив е најдобро, најправилно и најпаметно. Конкретно, постепена замена на таксите од 100 отсто со реципроцитет со Србија“, изјави Курти за новинарите.
Тој истакна дека негова главна преокупација како премиер е програмата на Владата, и дека работниот план ќе биде завршен деновиве, така што доаѓа и законодавната агенда.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, тој рече дека Соединетите Американски Држави (САД) се неопходен сојузник и партнер на Косово, дека не може да има НАТО без САД и дека без НАТО не може да се има безбедност во Европа или на Балканот.
Премиерот Курти на крајот на февруари најави дека Владата ќе започне постепено и условно укинување на таксите на 15 март, но Демократската алијанса на Косово, која е коалиционен партнер на движењето „Самоопределба“, бара целосно укинување на даноците, како што бараат САД од Косово.
Поранешната косовска Влада, предводена од премиерот Рамуш Харадинај, воведе такси во ноември 2018 година за стоката од Србија што го блокираше дијалогот со Србија. По воведувањето на таксите, Србија го прекина дијалогот со Косово, кој во Брисел се водеше со посредство Европската Унија.