Zylfije Adem Jakupi
18 Јули 2020•Ажурирај: 19 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - На Косово, повеќе од кога било порано, му е потребно политичко единство, особено по повод дијалогот со Србија, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи во своето обраќање пред јавноста, по враќањето од Хаг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тачи им се обрати на граѓаните на Косово преку видеопорака во која рече дека пред обвинителите на Специјализираните комори во Хаг завршил околу 30 часа соочување со наводите на органите на прогонот, пред кои одговарал на прашања. Тој истакна дека целосно го почитува процесот на расветлување на вистината до самиот крај и неговата улога во ослободителната борба за слобода и независност.
Косовскиот претседател спомена дека од етички причини и законски ограничувања тој не може да навлегува во конкретни детали од испитувањето, и повтори дека никој не може повторно да ја пишува историјата. Оцени дека процесот против него е уште едно во низата обвиненија, измислици и фабрикации, во текот на 21 година, за Ослободителната војска на Косово и заложбите на косовскиот народ за слобода и држава.
„Но, овој процес еднаш засекогаш ќе ја запечати историската улога на ОВК, како незаменлива и неотуѓива улога за стекната слобода, за сите генерации што ќе го наследат Косово како независна и демократска држава. Тој етнички презир, малтретирањето на Албанците уште во утробата на мајката, геноцидното однесување против народот со историско право на оваа земја, репресијата која го достигна врвот со етничкото чистење, до размери на геноцид, ќе биде еден од најмрачните периоди од минатото, што никогаш повеќе нема да може да се врати “. рече Тачи.
Тој исто така рече дека имал среќа и чест што имал улога во борбата и на патот кон независноста и формирањето на државата Косово, и дека не се сомнева дека негова должност е да го брани Косово и да не дозволи овој неправеден процес да смета во големите работи кои стојат пред Косово.
„На Косово денес, повеќе од кога било порадно, му е потребен цивилизиран дијалог меѓу политичките сили, за институционална стабилност, добро управување и граѓанско и политичко единство, особено за дијалогот за конечно признавање од страна на Србија и целиот свет. Косово денес треба да негува разновидност на мислењата и да живее во здрава дебата меѓу Владата и опозицијата“, рече Тачи.
Тој заврши со зборовите дека сите во Косово треба едногласно да му говорат на светот и да водат дијалог со Србија со големо единство што постоеше во Рамбује, Виена и Брисел.
Специјалното обвинителство на 24 април предаде на потврдување до Специјализираните комори обвинение со десет точки со кое Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура. Во обвинението се наведува дека Тачи, Весели и другите осомничени од обвинението сносат кривична одговорност за скоро 100 убиства.
Специјализираните комори на Косово со седиште во Хаг имаат рок од шест месеци да донесат одлука за потврдување на ова обвинение.