Балкан

Левица поднесе интерпелација за спикерот Африм Гаши за кршење на доктрината на секуларната држава

- Во врска со обвинувањата за кршење на секуларизмот, спикерот Африм Гаши рече дека всушност станува збор за исламофобија и неосновани обвинувања

Abdula Berisha  | 03.09.2024 - Обновена : 04.09.2024
Левица поднесе интерпелација за спикерот Африм Гаши за кршење на доктрината на секуларната држава Фото: Абдула Бериша / АА

СКОПЈЕ (АА) - Пратеничката група на партијата Левица во Собранието на Северна Македонија поднесе интерпелација против спикерот Африм Гаши, во која една од точките е кршење на доктрината на секуларната држава, јавува Анадолу.

Пратеникот и лидер на оваа политичка партија, Димитар Апасиев, појаснувајќи ги причините за поднесената интерпелација, рече дека таа се заснова на вкупно седум точки.

Зборувајќи за првата точка, кршењето на доктрината за секуларна држава, Апасиев изјави дека само таа точка е доволна за интерпелација на спикерот Гаши.

Апасиев рече дека државата, согласно со принципот на одвоеност на верските прашања, мора да ја задржи својата неутралност и не смее да се меша во сензитивните религиски прашања, обвинувајќи го Гаши дека спроведувал верска дејност во Собранието.

„Никој нема против вие кои се чувствувате како христијани да си практикувате обреди, вие кои се чувствувате како муслимани да си практикувате обреди, некој кој се чувствува како будист да си практикува обреди. Меѓутоа, во јавна институција, согласно нашиот Устав, согласно судската пракса на Уставниот суд, согласно јуриспруденцијата на Стразбур, тоа е недопустливо”, рече Апасиев.


- „Ова е интерпелација против етничката и верската припадност на претседателот на Собранието“

Спикерот Гаши во своето излагање истакна дека секој носител на државна функција мора да одговара за своите постапки и им се заблагодари на пратениците што ја поднеле оваа интерпелација, додавајќи дека само на ваков начин ќе се расчистат сите сомнежи и грижи на јавноста.

За обвинувањата за кршење на секуларизмот, Гаши рече дека всушност станува збор за исламофобија и неосновани обвинувања.

Тој појасни дека во интерпелацијата е истакнат настан организиран од невладина организација во една сала на Собранието, каде присуствувал и спикерот Гаши, по повод 11 Јули, Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Гаши рече дека на овој настан имало едноминутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од Сребреница и дека тоа не претставува кршење на секуларизмот.

„На крајот од овој говор можам да потврдам дека не се работи за интерпелација над Африм Гаши, туку за интерпелација врз функционер од различен профил. Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку е интерпелација против етничката и верската припадност на претседателот на Собранието“, рече Гаши.

По неговото излагање, Гаши ја напушти салата за да не влијае на расправата и гласањето за интерпелацијата.

Според деловникот на Собранието, расправата за интерпелација може да трае еден ден и гласањето мора да се изврши во тој ден, односно до полноќ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.