Admir Fazlagic
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, Цветанка Иванова, денеска оствари средба со генералниот секретар на Собранието на Република Албанија, Генци Ѓончај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од Собранието на Република Македонија, на средбата, на која присуствуваа и претставници на НДИ за Македонија и за Албанија, и Швајцарската амбасада, се разговараше за искуството на Собранието на Република Македонија во основањето и функционирањето на Парламентарниот институт.
Парламентарниот институт функционира од 2014 година, но идејата е многу одамна и е реализирана благодарение на помошта на НДИ и Швајцарската амбасада. Како што посочи Цветанка Иванова, една од добрите страни е што е задржана независноста на вработените и на самата институција. Основно е што вработените во Парламентарниот институт треба да прават стручни и објективни истажувања и анализи за потребите на сите пратеници.
Како позитивни страни го нагласи и задржувањето на тајноста на барањата за истражување, кои потоа стануваат јавно достапни.
Институтот има поддршка од сите парламентарни групи и значајно е што е обезбедена независна селекција на кадри за Институтот. На колегите, Иванова им препорача да се надмине слабата страна од досегашното функционирање, а тоа е немањето механизми да се задржат вработените.
Основна заложба на Собранието на Албанија е да стане независно од власта, а како што потенцираше генералниот секретар Генци Ѓончај, Парламентарниот институт ќе има значајна улога во тоа.
За Генци Ѓончај една од задачите е изгласување на Закон за финансиска независност на Собранието, кој е во фаза на изработка. Македонија има ефективен и ефикасен Парламентарен институт и, како што истакна, искуството ќе биде драгоцено за нив.
Двајцата генерални секретари се согласија дека пред Република Македонија и Албанија стојат исти предизвици и неопходна е соработка и на парламентарно ниво.