Bekim Laci
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и вицепремиерката и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шеќеринска, денес, на свечена церемонија ги доделија сертификатите за прием на 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија (АРМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Шеќеринска, во своето обраќање пред присутните, истакна дека денешниот настан претставува еден нов почеток за новопримените војници, на кои им рече дека нивното учество во Војската доаѓа во вистинско време, дека е придружено со големи предизвици, време во кое Македонија ќе ја унапредува Армијата и ќе ги достигне стандардите на НАТО Алијансата.
Шеќеринска нагласи дека војниците се привилегирани, бидејќи имаат можност целата нивна кариера да ја изградат во рамките на НАТО Алијансата.
„Членството во НАТО гарантира безбедна иднина за граѓаните на нашата земја. Безбедноста е основен предуслов за економски развој, за повеќе инвестиции и нови партнерства. Погледнете ги само искуствата на земјите околу нас. Пет години пред Бугарија да стане членка на НАТО Алијансата, нејзините странски директни инвестиции изнесуваа 7 отсто од БДП. Во следните пет години, по зачленувањето во НАТО Алијансата, овие директни инвестиции пораснаа на речиси 20 проценти од БДП. Ова е само еден од многуте примери кој ја покажува врската помеѓу безбедноста и економијата“, рече Шеќеринска.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Владата на Република Македонија, во последниот едногодишен период вложила голем труд за да го врати изгубеното достоинство на војниците преку реформите кои, како што рече тој, овие денови донесоа радосни вести, од кои едната е најавата дека наредната недела Македонија ќе добие покана да стане 30. членка на НАТО.
„Со можноста да одлучуваме ќе обезбедиме и гаранција за нашата безбедност и безбедноста на нашите граѓани. Македонија ќе седи на иста маса со големите светски сили. Членството ќе значи конечна стабилизација и одржлив мир во целиот наш регион“, рече Заев пред новите војници, на кои им вети дека последното покачување на платите од 10 отсто нема да биде последно, истакнувајќи дека доаѓа време на промени со реформи, чии резултати ќе се чувствуваат наскоро.
По нивните обраќања, премиерот Заев и министерката Шеќериснка ги доделија сертификатите за прием во Армијата на 125 нови војници.