Admir Fazlagic
15 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со пороен дожд и грмежи во западните делови во претпладневните часови и околу пладне, а попладне нестабилно ќе биде во југоисточните делови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утринската температура ќе се движи од 11 до 20 степени, а дневната температура од 23 до 32 степени. УВ-индексот ќе има вредност 6.
Во Скопје и околината, според најавеното, ќе преовладува слично време со услови за краткотраен пороен дожд и грмежи претпладне. Температурата ќе се движи од 17 до 30 степени.
Како што извесуваат од УХМР, позначителна нестабилност повторно се очекува во петок попладне и во текот на ноќта кон сабота. За време на викендот ќе дува засилен северен ветер и ќе има значително намалување на дневната температура.
- Интервенции на екипите на Град Скопје по обилните врнежи
Инаку, Град Скопје соопшти дека екипите на Штабот за заштита и спасување на градот вчера интервенирале на неколку локации по невремето проследено со дожд и град што попладнето го зафати Скопје и околината.
Како што информираат од Град Скопје на поголем број локации во Скопје имало поплавени делови. Исто така, од Град Скопје посочуваат дека и во наредниот период ќе ја следат состојбата на терен и доколку има потреба соодветно ќе интервенираат.