Admir Fazlagic
05 Јануари 2017•Ажурирај: 06 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поради снежните врнежи од изутрина во 8:15 часот е воведена забрана за движење на камиони на патот Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража, а од 8:20 на патниот правец крак Маврово-Дебар, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ), јавува Anadolu Agency (AA).
Снегот што паѓа од ноќеска во поголемиот дел од државава го отежна патниот сообраќај, забавено се одвиваат градскот и меѓуградскиот превоз, а засега нема значителни проблеми во железничкиот и авиосообраќајот.
„Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози во северниот, западниот и југозападниот дел од државата, а во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни. Во раните утрински часови врнежи од снег со послаб интензитет се бележат во Крива Паланка, Страцин, Куманово, Тетово, Гостивар, планинскиот превој Стража, Кула и Маврово. На Попова Шапка врнежите од снег се со среден интензитет. Врнежи од слаб дожд се бележат во Охрид и Дебар", наведува Автомото сојузот на Македонија во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Без проблеми од изутринава се реализирани предвидените полетувања и слетувања ид аеродормот „Александар велики“ во Скопје, покажуваат податоците на веб страницата на концесионерот „ТАВ Македонија“.
Според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи на Македонија (УХМР), пообилни врнежи ќе има во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен.
Поради најавата од УХМР владиното Координативно тело за справување со кризи и Управувачкиот комитет за кризи апелира граѓаните да бидат внимателни при планирање на патувањата, односно да не тргнуваат на пат доколку немаат итна потреба, да носат соодветна зимска опрема, а особено транспортните возила за кои не е исклучена забрана во определен период. Компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.
Времето во Македонија ќе биде облачно со врнежи од снег. Врнежите најпрво ќе започнат во северните и западните делови од земјава, а потоа ќе се прошират и во останатите делови. На југ врнежите најпрво ќе бидат од дожд, а попладне ќе преминат во снег. Пообилни врнежи се очекуваат во попладневните и во ноќните часови. До крајот на денот насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри.
Утринската температура ќе се движи од минус три до два, а дневната од еден до осум степени, соопшти УХМР.
Во Скопје времето ќе биде облачно со врнежи од снег кои ќе почнат уште претпладне, но ќе се интензивираат во попладневните часови. Во Скопско попладне ќе дува засилен северозападен ветер. Во Скопската котлина можно е снежната покривка да биде од 10 до 15 сантиметри. Утринската температура ќе се спушти до минус два, а дневната ќе се искачи до еден степен.
Врнежи од снег ќе има и во петок, особено претпладне, но тие ќе бидат со намален интензитет.