Admir Fazlagic
11 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе има консултации со експерти, со цел да се утврди дали постои можност за поголема флексибилност околу прашањето за преименување на оваа институција согласно одредбите од Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Академик Владо Камбовски, во разговор со новинарите по завршувањето на првиот дел од научната расправа „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликација врз евроатланските интеграции на Република Македонија“, која денеска се одржува во МАНУ, рече дека во Договорот јасно се дефинира каде се користи придавката „северна“.
„Таа се користи за јавните институции, тој поим е доста широко одреден, се однесува на јавните институции кои вршат јавни функции, ама ги опфаќа и јавните институции во сферата на културата, образованието, науката. Ова останува евентуално предмет за натамошни разговори во духот на едно бона фиде толкување на таа одредба, во однос на институциите кои се во независната сфера на општеството, како што е МАНУ, поради нивното брендирање во светската, научната и културната и другата јавност, да можат сепак да си го задржат името и придавката македонски“, рече Камбовски, и додаде дека за ова прашање ќе се разговара со други научни академии.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити, истакна дека Академијата е буџетска институција, но не комплетно, бидејќи дел од средствата се од научни проекти.
„Ние сме највисоката научна иституција. Научната сфера е посебна сфера. Од самото наше формирање како академија имаме извонредно голема самостојност, во секој поглед. И во поглед на вработувањето и во поглед на научните проекти, и токму поради тоа можеме да се надеваме на флексибилност да се размисли, доколку ова може да се реши бона фиде. Но што и да се случи, не ја намалува нашата убеденост за успешното разрешување на идентитетските прашања“, рече Фити.
Инаку, во членот 1 од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името, се наведува дека придавката, во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција на 17 јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција“.