Ivana Ramadanova
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
СКОПЈЕ (AА) - Македонската академија на науките и уметностите денеска во Скопје ја одбележа 49-годишнината од своето основање, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод, се одржa свеченост на која се обрати претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, кој во своето обраќање истакна дека иако во тешки услови, МАНУ со посветеност продолжува да ги реализира своите основни цели и задачи утврдени со Законот за МАНУ.
Зборувајќи за прашањата поврзани со евроатланските интеграциски процеси на Македонија, Фити истакна дека нивното континуирано и опстојно научно елаборирање е високо на агендата на МАНУ.
„Проблемите пред кои денес е исправена Македонија, нема да се решат преку ноќ. Ние очекуваме организирање на фер и демократски избори и формирање на политичка влада со полн капацитет на одлучување, како вовед и битна претпоставка за разрешување на кризата. Меѓутоа, како што повеќепати досега сме нагласувале, проблемите што се сега во фокусот на нашата стварност ќе бараат крупни реформи, многу знаење, енергија и политичка волја за нивно надминување“, истакна академик Таки Фити.
Според раководителот на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, Владо Камбовски, сеопшата криза што го има зафатено нашето општество, ги вклучува високото образование, науката, иновациите и развојот како епицентар на таа криза.
„Тие проблеми се резултат на недоследно остварување на Болоњскиот процес, кој е остварен само во некои елементи и делови, но не и во други. На пример, резултат на Болоњскиот процес беше потребното и очекувано проширување на мрежата на високообразовните институции. Таа е проширена со над 24 универзитети и над 130 факултети, со над 600 студиски програми, што е преобемна високообразовна сфера, во институционална смисла, која ја нема во многу поразвиени држави“, изјави Камбовски.

Во рамките на одбележувањето на 49-годишнината од основањето на МАНУ се одржa и научна конференција на темата „Високото образование и науката – состојби и перспективи“.
На оваа тема, зборуваше и професорот Илија Ацевски, кој рече дека високото образование во Македонија денеска се наоѓа на една голема крстосница, и посочи дека или ќе тргнеме во една насока каде што навистина ќе правиме високо образование, или и понатаму ќе се соочуваме со овие проблеми коишто се присутни во Македонија во негативна смисла.
„Или ќе го фатиме тој приклучок со Европската Унија и она што значи квалитетно и европско образование, или ќе останеме на маргините на овие случувања што се во Македонија и што се одразуваат на квалитетот на високото образование“, истакна професорот Ацевски.
На свеченоста по повод одбележувањето на 49-годишнината од основањето на МАНУ беа прогласени и добитниците на меѓународното признание „Блаже Конески“.
Добитници се Суад Енѓулу од Турција, за посебен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската современа книжевност и култура на Балканот и во Република Турција, и Душко Новаковиќ од Србија, за посебен придонес во афирмацијата на македонската книжевност.