Масовни протести на граѓаните по повикот на студентите за „генерален штрајк“ низ Србија
Масовни собири за поддршка на студентите се организирани во повеќето градови низ Србија, меѓу кои и Нови Сад...
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија денеска се одржува генерален штрајк како форма на граѓанска непослушност, на кој повикаа студентите и средношколците кои протестираат уште од крајот на ноември поради загинувањето на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, јавува Анадолу.
На повикот да преминат во еднодневен генерален штрајк се одзваа многу општествени групи и професии, просветните работници и адвокатите штрајкуваат со денови, а се очекува да пристигнат и луѓе од јавниот сектор. На штрајкот се приклучија и бројни медиумски куќи во Србија.
Полицијата спроведува засилени безбедносни мерки и е распоредена и на влезовите во зградата на Радио-телевизија на Србија (РТС).
Демонстрантите го блокираа кружниот тек пред Општина Нов Белград, како и раскрсницата кај Ушќе.
Масовни собири за поддршка на студентите се организирани во повеќето градови низ Србија, меѓу кои и Нови Сад, каде што главниот собир се одржа кај Футошки пазар, а крстосницата кај Променадата беше блокирана.
Новосадските пратеници и советници денеска го блокираа автопатот Нови Сад - Белград.
И денес демонстрантите низ Србија застанаа од 11:52 до 12:07 часот за да им оддадат почит на загинатите при уривањето на натстрешницата во Нови Сад. Во тоа време, бројни медиуми исто така го прекинаа емитувањето содржини.
Студентите ја отворија веб-страницата „podržavamstudente.org“ каде што ги објавуваат најновите информации за нивните активности и случувања во Србија.
Тие бараат да се утврди одговорност за смртта на 15 лица при уривањето на натстрешницата во Нови Сад, како и за нападите врз студентите на протестите и при блокадите.
За денеска е закажан и протест пред зградата на Претседателството на Србија под назив „Да разговараме кој е толпа, а кој ѓубре“.
Организатор на овој собир е Протестниот одбор на адвокати, кој соопшти дека тоа е реакција на навредата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ги нарече адвокатите „толпа“ поради нивната одлука да им се придружат на барањата на студентите со седумдневен прекин на работата.
Од друга страна, владејачката Српска напредна партија (СНС) за денеска закажа собир во Јагодина, на кој српскиот претседател Вучиќ ќе претстави ново движење и план за развој на Србија до 2032 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.