Admir Fazlagic
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денеска одржа прес-конференција на која ги соопшти деталите и билансот на повредени лица во синоќешните инциденти во Собранието. Од МВР информираа дека досега се приведени 8 лица, а 83 лица побарале медицинска помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Јордан Ламаноски, помошник министер за внатрешни работи рече дека е обезбеден видео материјал од Собранието со цел идентификација на лицата што ги нападнаа пратениците, новинарите и другите лица во собраниската зграда, како и дека се преземаат сите мерки за расчистување на овие настани.
- 83 лица побарале медицинска помош
„Осумдесет и три лица побарале медицинска помош во Ургентниот центар, во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Повредени биле 25 полицајци, 54 граѓани, тројца пратеници, како и еден новинар", рече Ламаноски.
Тој додаде дека во истрагата за сите случувања во и околу Собранието од синоќа е вклучена и внатрешната контрола на МВР која треба да утврди дали се вистинити информациите дека дел од полицајците не ги извршувале своите професионални задачи.
Како што соопшти МВР, вчерашните настани почнале вчера околу 19 часот кога поголема група граѓани влегоа во Собранието и физички биле нападнати повеќе лица, меѓу кои и пратеници. Според информациите на МВР, Собранието било испразнето околу 22 часот и 30 минути. Проценките на полицијата во и околу Собранието се дека синоќа имало околу 5.000 граѓани, а 40 минути по полноќ пред зградата на Собранието останале приближно околу илјада граѓани и биле поставени пет шатори.
Помошник министерот за внатрешни работи појасни дека за полицијата проблем за безбедно извлекување на повредените лица била поголемата маса народ пред и во објектот.
Потсетуваме, со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.