Husamedin Gina
19 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
СКОПЈЕ
Медицинската помош испратена од Катар за поддршка во борбата против новиот вид на коронавирус (Ковид-19) денес пристигна во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА)
Донацијата на аеродромот Скопје ја пречекаа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани и Хамад Јасим Ал- Махмуд, вршител на должност Амбасадор на Катар во земјава.
Во изјавата за медиумите, вицепремиерот Османи рече дека денес на аеродромот ја примаат медицинска помош од Катар, која ќе биде насочена во здравствените установи во земјата.
„Се работи за добро таргетирана медицинска опрема во смисла на хируршки маски, меѓутоа и маски кои што се употребуваат од страна на лекарите во интензивните одделенија“, нагласи министерот Османи, додавајќи дека донацијата е во количини кои ги задоволуваат потребите на здравствените работници, не само за овој, туку за подолг период.
Од Катар како медицинска помош испратени се 500.000 хируршки маски, околу 80.000 „Н95“ маски и „ФФП2“ маски.
Медицинската помош од Катар, како што рече Османи е само рефлексија на добрите билатерални односи помеѓу двете земји.
Хамад Јасим Ал- Махмуд, вршител на должност Амбасадор на Катар во Скопје истакна дека со чест и задоволство ја предаваат медицинската донација од Катар, испратена под директива на Неговото Височество, Емирот на државата Катар, Шеик Тамим бин Ал Тани.
„Медицинската донација се состои од 8,5 тони медицинска заштитна опрема, наменета за заштита на медицинскиот персонал во македонскиот здравствен систем кој деноноќно работи за да се справи со пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид-19“, нагласи ал Махмуд.
Тој исто така додаде дека со оваа помош се потврдува вистинското пријателство меѓу Државата Катар и Северна Македонија.