ПРИШТИНА (АА)
Стјепан „Стипе“ Месиќ е последниот претседател на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и единствен политичар во регионот кој бил претседател на држава, претседател на Влада и претседател на Парламентот во Република Хрватска. Тој истакнува дека до војната во Украина не требаше да дојде затоа што можеше да се реши дипломатски, како и дека поради војната сега се случува катастрофа во која најмногу страдаат сиромашните луѓе.
Месиќ го изјави ова во интервју за Агенција Анадолија (АА) во кое говореше за војната во Украина и нејзините регионални и глобални последици, за односот на Европската Унија (ЕУ) кон земјите од Балканот, како и за отворените прашања помеѓу земјите во регионот.
„Не требаше да дојде до војната во Украина, бидејќи постоеше можност проблемот да се реши по дипломатски пат, затоа што Русија инсистираше на тоа Украина да стане неутрална. Всушност, да не влегува (Украина) во НАТО-пактот, да може да влезе во ЕУ, така што ракетите со нуклеарно вооружување не можат да дојдат на руската граница. За тоа се преговараше, меѓутоа, сегашниот претседател на Украина мислеше дека е можно Русите да се согласат на тоа да влезе (Украина) во НАТО-пактот, а потоа сето тоа го предизвика овој судир за кој не знаеме кога, ниту како ќе заврши“, оценува Месиќ во разговорот.

Смета дека последиците од војната во Украина се катастрофални и дека најмногу ги погодуваат граѓаните на Европа.
„Очекувам оваа руска акција што е во Украина да не биде таква Русија да ги оствари сите свои цели, но веројатно и дека ниту Западот нема да ги оствари сите свои цели. Се вели дека 'и најтврдото дрво пука во средина'. И тука ќе пукне во средина.“
Месиќ оценува дека односите помеѓу светските сили се сменети во споредба со минатото.
„Сега се води големо надигрување помеѓу Америка, Кина и Русија. Но исто така сите забораваат дека се работи за натпреварување помеѓу Америка и Германија во економска смисла. Она што е најтешко сега тоа е пропагандната војна. Жестока, брутална, пропаганда војна. Граѓаните тешко можат да разберат што точно се случува. Затоа што секоја страна ја толкува својата слика на светот. Кој тогаш тука страда? Страда објективноста, бидејќи луѓето не можат да се ориентираат ако немаат потполни податоци што се случува“, вели Месиќ.
Во однос на тоа дали може да дојде до нарушување на безбедноста на Балканот поради војната во Украина, Месиќ уверува дека повторна војна на Балканот е невозможна.
„Постојат некакви шпекулации за тоа, но јас мислам дека е невозможно. Невозможно е војната од Украина да се пресели на некој друг простор, а посебно не на Балканот. Има такви кои не се задоволни од резултатите од онаа војна што беше на просторот на поранешна Југославија, кои би сакале повторно да менуваат граници, тоа се оние кои се на чело на Република Српска во Босна и Херцеговина. Тие луѓе мислат дека денес можат да се менуваат границите, но границите не се променија и по 100.000 мртви. Кому му паѓа на памет повторно да менува граници на Балканот? Тоа е едноставно невозможно“, дециден е поранешниот хрватски претседател.
Запрашан дали очекува Северна Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ, Месиќ истакнува дека евроинтегративниот процес треба да се забрза.
„Јас мислам дека тоа би требало да се забрза. Мораме да признаеме дека во ЕУ постои еден тренд дека треба да се прошири ЕУ, а на другата страна постои друг тренд кој вели дека не треба работите да се забрзуваат. Всушност, ни треба Балкан кој ќе биде дел од ЕУ, а другите сметаат: 'Да, да, сè е во ред, само не треба тоа да се прави брзо.' Тоа не е добро за овие земји кои уште не влегоа во ЕУ. Можеби и овој судир во Украина ќе помогне да се забрза влегувањето на целиот простор на Западен Балкан во ЕУ“, подвлекува Месиќ.

Во контекст на актуелните односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија и бугарското попречување на Северна Македонија на патот кон ЕУ, Месиќ потенцира:
„Тоа е прашање на дипломатијата, тоа е прашање што ќе се решава во од, но не би смеело да биде прашање кое ќе го запре влегувањето на Македонија во евроатлантските интеграции.“
Поранешниот хрватски претседател Месиќ во разговорот порачува дека доколку сите земји од регионот бидат дел од ЕУ, безбедноста ќе биде поголема и во самата ЕУ, но тоа не зависи само од земјите од регионот.
„Ќе биде секако поголема безбедноста, но безбедноста нема да зависи само од односите на споменатите земји (земји од Балканот), безбедноста ќе зависи од одлуките на големите сили. На нив е да најдат 'модус вивенди' и на тој начин да обезбедат мир во светот“, оценува Месиќ.
Запрашан колку има искреност кај ЕУ во однос на земјите од Балканот, Месиќ истакнува:
„Нема тука многу искреност, тоа е прашање на интерес, а интересот е, сепак, земјите да комуницираат, Европа да биде сигурна, а Европа е сигурна тогаш кога сите нејзини земји добро комуницираат помеѓу себе.“
Едно од низата отворени прашања меѓу земјите од регионот е дијалогот на релација Белград - Приштина и проблемот околу непризнавањето на независноста на Косово од страна на Србија. Месиќ истакнува дека Србија треба да ја прифати реалноста дека Косово е факт.
„Јас за тоа веќе многу говорев. Мислам дека светот мора да сфати, а потоа и Србија, дека Косово е факт, Косово е реалност и тоа не може да се смени. Малку е во заостанување една акција за признавањето на Косово. Едно време тоа одеше доста брзо, потоа делуваше српската дипломатија, така што некои земји дури го повлекуваа своето признавање, што не е добро. Она што јас го кажав и денес јавно е дека сметам дека треба да се направи една кампања. Најлесно би било кога би можело Косово да испрати една стручна делегација да ги посети земјите на Јужна Америка, Азија и Африка и да толкуваат зошто треба да се признае Косово, бидејќи Косово беше конститутивен елемент на југословенската федерација. Мораме да разбереме што е федерација? Тоа е еден ланец. И кога сите алки се во ланецот тогаш тоа е федерација, но ако ланецот пукне, потоа ланецот веќе го нема и секоја алка останува за себе. Така е и со Косово, мораше во војна да го докажува своето право да биде самостојно“, нагласува Месиќ.
Во регионот, актуелно е и прашањето за исправноста на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“ во која членуваат Србија, Албанија и Северна Македонија. Месиќ ја оценува како добра идеја.
„Тоа може да биде добра идеја, Отворен Балкан, но отворен (Балкан) помеѓу себе и отворен кон други, тоа може да биде еден чекор и поширокиот простор да се вклучи во овој наш балкански простор и на еден начин меѓусебно да се комуницира. Не е лошо да се отвора просторот, капиталот да може да кружи, граѓаните да можат слободно да минуваат граници, тоа би било добро за сите. Треба да се плашиме од затворање, не од отворање“, уверува Месиќ.
За влијанието на Туркије (Турција) на Балканот, Месиќ вели дека е добро економска сила како Туркије да биде присутна на овие простори.
„Мислам дека не е некакво посебно влијанието на Туркије на Балканот. Туркије е една сериозна сила. Турската војска е најсилната војска во НАТО-пактот и Туркије е една економски моќна земја, добро е со неа да се комуницира, на одреден начин да се појавува и во економска смисла на просторот на поранешна Југославија, односно на просторот на Балканот. Тоа е добро“, смета Месиќ.
Околу несогласувањата помеѓу Туркије и Грција, Месиќ објаснува дека „меѓу нив секогаш имало несогласувања, но и едната и другата се земји членки на НАТО-сојузот.“
Финска и Шведска се изјаснија дека сакаат да станат дел од НАТО. На ова се противи Туркије, истакнувајќи ја својата загриженост за безбедноста, поради поддршката на овие две земји на терористичките организации, особено на ПКК.
„Да не се случеше оваа руска инвазија во Украина, прашањето за неутралноста на Финска и Шведска не би доаѓало воопшто како прашање. Ова сега е нов предизвик и очигледно тие сметаа дека им е посигурно ако бидат членки на НАТО-сојузот“, вели Месиќ.
Дециден е дека во светот се воспоставува нов поредок, истакнувајќи дека е факт дека се работи за „светско престројување“.
„Тешко е да се процени што ќе се случува, но факт е дека се работи за престројување, за светско престојување. Ништо нема да биде како што беше. Тешко е да се предвиди во која насока ќе оди тоа. Сега е сигурно дека немаме еден хегемон, како што се САД, туку имаме три големи сили, тоа е Кина, Америка и Русија и очигледно дека меѓу тие три големи сили мора да се искомуницира продолжувањето на мирен развој на светот, на сите делови на Земјината топка“, заклучува Месиќ во интервјуто за АА.
news_share_descriptionsubscription_contact
