МИТРОВИЦА (АА) - На почетокот на повторното судење на Оливер Ивановиќ (64), лидер на Граѓанската иницијатива СДП, кое започна денес, во Основниот суд во Митровица, обвинетиот се изјасни дека не е виновен за обвинението, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот од февруари, Апелациониот суд на Косово ја поништи првостепената пресуда на Ивановиќ од девет години затвор за воено злосторство, и го врати судењето на почеток.
Драгана Николиќ Соломон, портпаролка на ЕУЛЕКС, пред почетокот на судењето изјави дека Ивановиќ е единствениот обвинет.
„Денес започнува првото рочиште на повторното судење на Оливер Ивановиќ, во коешто тој е единствениот обвинет, на кому повторно ќе му се суди за кривична одговорност за воено злосторство над цивилното население од 1999 година. Денес, за време на рочиштето, двете страни ќе дадат воведно излагање, по што ќе се закажат понатамошните рочишта“, изјави портпаролката.
Роксана Комша, судијката на ЕУЛЕКС, и во повторното судење е претседателка на Судскиот совет. Таа потсети дека истрагата во врска со овој предмет започнала во февруари 2013 година, додека обвинението е подигнато во август 2013 година и првобитно се однесуваше на петмина обвинети.
„На 21 јануари 2016 година, Основниот суд во Митровица донесе пресуда од девет години затвор, а во декември 2016 година, Апелациониот суд на Косово донесе своја пресуда, со која првостепената пресуда е поништена и вратена на повторно судење на обвинетиот Оливер Ивановиќ. Во суштина, ова претставува предмет на оваа постапка“, изјави Комша.
Обвинителот Ромуло Матеус изјави дека нема потреба обвинението да се чита повторно и дека може да се смета за познато, што беше прифатено од страна на Судскиот совет.
Потоа Оливер Ивановиќ се изјасни дека не е виновен по обвинението.
„Апсолутно не сум виновен“, изјави Ивановиќ.
Обвинителот Матеус во воведното излагање даде резиме за предметот, потсетувајќи дека злосторството е сторено на 14 април 1999 година, за време на оружениот судир во Косово.
Тој изјави дека Обвинителството ќе ги повтори доказите коишто беа претставени во првото судење и дека првенствено се значајни изјавите на сведоците што биле присутни на местото на настанот. Матеус најави дека ќе бидат изведени уште тројца дополнителни сведоци, како и дека Обвинителството поседува нови важни материјални докази релевантни за правично и потполно докажување во предметот.
„На 14 април 1999 година, околу 12 часот, српските сили започнаа акција на чистење во Митровица. Во рамките на овие операции, 15 Албанци се уапсени под сомнеж дека се припадници на Ослободителната војска на Косово. Шестмина се пуштени, а деветмината останати се испратени во близина на тогашната улица ‘Миладин Поповиќ’. Нив ги испратија Србите, кои беа или во воена или во парамилитарна униформа и вооружени. Веруваме дека фактите ќе ги слушнеме од сведоците“, изјави обвинителот.
Обвинителот изрази уверување оти фактите ќе покажат дека Оливер Ивановиќ ја водел единицата што убила некои од приведените Албанци, а убиени се Скендер Пачарда, Фатмир Мустафа, Авни Абази и Мехмет Сефери. Тој ден се убиени вкупно 26 Албанци во Митровица.
Бурхан Маџуни, бранител на семејствата на жртвите, го поддржа излагањето на обвинителот и изрази уверување дека обвинетиот ќе ја добие заслужената казна.
Адвокатот на одбраната, Небојша Влајиќ, исто така го сумираше своето излагање, истакнувајќи дека неговиот клиент не е одговорен за злосторствата за кои се товари.
Тој изјави дека е неприфатливо обвинителот во предметот ни по 18 години да не ги знае основните факти.
„Не знае дали Ивановиќ бил припадник на полицијата, војската или на паравојска, а го обвинува дека водел единица“, вели адвокатот.
Според неговите зборови, одбраната ги предложила материјалните докази и своите сведоци, меѓу кои се и три нови имиња.
Влајиќ изјави дека Ивановиќ нема да побегне никаде, бидејќи верува дека е невин, и предложи да се укине притворот на неговиот клиент. Судијката изјави дека барањето ќе биде разгледано.
Судијката Комша најави дека Судот ќе разгледа и нови докази и сведоци, и го прифати предлогот на Обвинителството повторно да се направи увид на местото на настанот. На прашањето на судијката дали сака да учествува на тој увид, Ивановиќ изјави дека ќе се изјасни за неколку дена.
Судењето беше отворено за снимање само кратко, на почетокот и на крајот од рочиштето.
Откако Апелациониот суд го врати судењето на почеток, на Оливер Ивановиќ на 22 февруари оваа година му беше сменета мерката затворски притвор во домашен притвор во траење од два месеца. Ивановиќ е уапсен на 27 јануари 2014 година и во првата постапка, која траеше повеќе од една година, сослушани се над осумдесет сведоци.
Основниот суд во Митровица претходно закажа 10 рочишта за повторното судење до крајот на јуни, по што ќе следува летна пауза.