БАЊА ЛУКА (AA) - Алмир Терзиќ -
Членот на Претседателството на Босна и Херцегвина (БиХ) Младен Иваниќ во интервју за Anadolu Agency (AA) истакна дека „би било исклучително позитивно еднаш да се каже дека БиХ со Србија постигнала договор и да се знае каде е границата помеѓу двете земји, бидејќи со тоа би исчезнале било какви причини за некакви судири во иднина“.
Тој смета дека се неверојатни глупости и фрустрации какви било приказни и тврдења дека БиХ на Србија ќе ѝ подари дел од својата територија.
„Првпат слушам дека тоа е кажано во тој облик. Првин, не може да има подарување. Единствен принцип може да биде квадратен метар за квадратен метар. Што подаруваме? Дали некој видел дека таму има некакви рудни богаства, нешто. Не знам дали луѓето воопшто знаат за што зборуваат, колку квадратни метри се во прашање? Тоа не се некакви големи количини, ниту тоа е што било друго. Луѓето што се занимаваат со тоа очигледно не знаат дека постојат територии што ние ги третираме како да се Босна и Херцеговина, иако се Србија“, рече Иваниќ.
Тој смета дека таквите приказни и тврдења ги пласират оние што се типичен пример на луѓе на кои не им е до решение и не сакаат договор, туку сакаат судири.
„Мислам дека тука е сосема логично, кога ќе ги погледнете картите, а тие луѓе што тоа го зборуваат не виделе ниту на карта, дека има неколку точки во коишто практично делот на територијата на БиХ е длабоко во Србија. Тие луѓе таму мораат да поминат низ Србија за да можат да дојдат до БиХ и нема друга врска, односно дека е невозможно поинаку да се направи пат. Би рекол, еден потполно погрешен пристап за тврдења за подарување“, порача Иваниќ.
- БиХ ништо не ѝ подарува на Србија
Членот на претседателството на БиХ, Иваниќ, смета дека тоа се луѓе кои сакаат судири, кои навидум ја бранат БиХ, „а би рекол, ги лечат своите лични фрустрации“.
„Мислам дека сето тоа е надвор од разумот. Никој сѐ уште не видел никаков предлог и тие што ги зборуваат тие работи, зборуваат сосема погрешно. Многу е тешко со таков ирационален пристап да се најде рационален одговор. Кој вели дека нам не ни е во интерес да добиеме дел од сегашната територија на Србија. Бидејќи, ќе мораме да го добиеме. Невозможно е тоа поинаку да заврши туку квадратен метар за квадратен метар со исти карактеристики, и да се исправат нелогичностите. Сѐ друго е свесно оставање проблеми“, нагласува Иваниќ и додава: „Што значи воопшто да се спречува таков еден вид разговор? Јас мислам дека е само една типична ароганција на луѓе кои божем ги бранат државните интереси, а всушност, само се промовираат себеси“.
- Приказните за терористички кампови во БиХ се глупости
Иваниќ смета дека постојат два екстремни пристапа кога станува збор за тероризмот. Еден е, вели, дека речиси зад секој агол се гледа терорист, што тврди дека не е точно, односно апсолутно неточно. Но, другиот, екстремен пристап, истакнува Иваниќ, е оној што вели „не, ние немаме никаков проблем."
„Ние сепак, имаме проблем и сакале или не, мораме да признаеме дека сме една земја којашто имаше неколку акти што се многу проблематични. Нападот на полициската станица во Бугојно не е нешто што треба да се занемари, нападот на американската амбасада во Сараево не е нешто што треба да се занемари. Исто така, нападот на полициска станица Зворник не е нешто што треба да се занемари, ниту убиството на двајцата војници на Вооружените сили на БиХ. Всушност, тоа го има. Не мислам дека зад секој ќош ѕирка терорист, што е апсолутно неточно, но јас не бил меѓу оние што тоа потполно би го игнорирале. Треба да се разговара со ладна глава и рационално“, оценува Иваниќ.
Секако, вели, во „БиХ имаме и борци кои биле во Сирија“. Човек кој е подготвен, објаснува Иваниќ, „да изгуби глава во една земја со којашто нема никаква врска и кој потоа се враќа, па нормално е да се сомневате за неговиот мотив и што сака да направи тука, во Бих“.
„Сѐ уште имате, доколку добро разбрав, податок за стотина лица кои сѐ уште се водат дека се таму. Тоа се луѓе што ќе се вратат кога-тогаш. Сосема е сигурно дека се извор на потенцијална опасност. Не можеме, не смееме тоа да го занемаруваме. Но, дека зад секој ќош има терористи, дека тоа е некој тероризам, дека ние тука имаме организирани кампови, мислам дека тоа навистина, во целост се глупости“, тврди Иваниќ.
- Членството во НАТО би значело поделба на Србите
Членот на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, истакнува дека околу членството во НАТО, немало согласност и уште подолго време нема да има.
„Јас тоа повеќепати го кажав и ќе го повторам сега. Мене ми е сосема разбирлив ставот на Бошњаците дека треба да се оди во НАТО, реално зборувајќи, таму е земјата за којашто еден голем дел на Бошњаците се врзува, а тоа е Турција. И тие сметаат дека имаат природен соговорник таму. Хрватска е веќе во НАТО и логично е претставниците на хрватскиот народ тоа да го очекуваат. Србија не е и многу е тешко да се очекува дека некој од српските пратеници ќе рече дека ние треба да влеземе, без оглед на тоа што Србија не е. Бидејќи тоа би значело нова поделба. Бидејќи, не дај Боже, да има некаков судир, тоа би значело дека истиот народ може да биде на две различни страни, што не е нормално и што не е добро“, вели Иваниќ.