Andaç Hongur,Izzet Taskiran
29 Март 2016•Ажурирај: 30 Март 2016
ИСТАНБУЛ (AA) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека искрената и коректната соработка во борбата против тероризмот е крајно неопходна и дека секој ден доцнење во таа борба значи продлабочување на проблемите и заканите на тероризмот во целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред поаѓање во службена посета на Вашингтон каде ќе учествува на Самитот за нуклеарна безбедност, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган се обрати на новинарите на истанбулскиот аеродром Ататурк и истакна дека тоа ќе биде прилика за многу билатерални и мултилатерални разговори со лидрерите за проблемот со тероризмот.
"Турција се залага за интензивирање на меѓународната соработка на сите полиња. На Самитот ќе ги предупредиме учесниците дека по терористичките напади во Париз, Анкара, Истанбул, Брисел, Лахоре јасно мора да се воспостави искрена и коректна соработка во борбата против тероризмот", рече Ердоган.
Турскиот претседател најави дека, покрај средбата со лидерите на земјите учеснички на Самитот, во текот на посетата на Вашингтон ќе одржи и низа средби со инвесриторите и стопанствениците, како и со претставниците на меѓународната академска заедница и медиумите.
Додаде дека на 3 април ќе присуствува на свеченото отворање на Турско-американскиот центар за култура и цивилизација во Мериленд, за кој рече дека ќе има важна мисија во ширењето на идејата на соживотот и мултикултурноста.
"Тој центар ќе биде најдобриот одговор за растечкиот проблем на омраза кон муслиманите и сите странци. Се надевам дека на отворањето на Центарот ќе присуствуваат и претставници на немуслиманските заедници во САД", рече Ердоган.
Осврнувајќи се на актуелната ситуација во регионот, Ердоган рече дека турските безбедносни сили остро одговорија на неодамнешното убиство на турскиот војник во Ирак и дека борбата против терористите на ДАЕШ во тој регион ќе продолжи уште порешително и поконкретно, а и понатаму во координација со коалицијата која е формирана со цел борбата против таа организација.