Samir Kajoševic
06 Септември 2020•Ажурирај: 07 Септември 2020
ПОДГОРИЦА (АА) - Организаторите на патриотскиот собир во Подгорица ги повикаа претставниците на опозициската коалиција „Црно на бело“ да ја сочуваат Црна Гора и да не соработуваат со просрпската опозиција, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според наводите на полицијата, на вечерашниот собир на Плоштадот на независноста во Подгорица, кој го организираа повеќе патриотски организации, присуствуваа 50.000 луѓе. Организаторите порачаа дека ќе ја одбранат независна, граѓанска Црна Гора.
Немања Батричевиќ, соработник за настава на Факултетот за политички науки, рече дека се собрале да порачаат дека не се срамат од името црногорско и да им испратат порака на Бошњаците, Хрватите и муслиманите дека не се сами.
„Тука сме да ветиме дека нема да им се дадеме на рамногорските мизерници. Дританe Абазовиќ, Жарко и Лука Ракчевиќ и Филипе Аџиќ, ако им ја предадете Црна Гора на четниците, ќе бидете запаметени како предавници", рече Батричевиќ.
Амина Брахиќ од Плевља рече дека на бошњачкиот народ му се закануваат, но дека се чувствува безбедно под црногорското знаме.
„Кој ќе се обиде да ги наруши темелите на слободна Црна Гора ќе наиде на црногорската младина која нема да ја даде никому“, рече Брахиќ.
Пеѓа Вушуровиќ од Подгорица рече дека зад собирот не стои ниедна партија туку, како што рече, љубовта кон татковината. Истакна дека „во граѓанска Црна Гора не може да има ниту црни птици, ниту Сребреница“.
Учесниците носеа знамиња на Црна Гора и комитски знамиња, како и крстоносни бајраци, а се пееја и црногорски национални песни. Од полицијата соопштија дека на собирот организирано дошле колони возила со граѓани од Никшиќ, Даниловград и Цетиње, како и дека не биле забележани инциденти.