Ekip
09 Април 2020•Ажурирај: 10 Април 2020
ИСТАНБУЛ
Саудиска Арабија на почетокот на месецот воведе целодневна забрана на движењето во Мека и Медина во согласност со мерките за борба против новиот вид коронавирус. Светото место на муслиманите, на кое во секој период од времето се присутни голем број верници, овие денови е потполно пусто, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фоторепортерот на АА успеа да забележи фотографија од Месџид ел Харам, познат и како Света џамија или Голема џамија во Мека, која претставува центар на муслиманскиот свет и место кон кое муслиманите петпати дневно се вртат за време на извршувањето на молитвата.
Просторот околу Ќаба, кој е место на собирање на верниците од целиот свет, особено за време на аџилак, еден од петте столба на исламот, е потполно празен. Околу Ќаба можат да се видат само лица кои го обезбедуваат и одржуваат тој простор.
Со одлуката на Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија, од 2 април во Мека и Медина е воведен полициски час до понатомошно известување. Вработените во јавниот и приватниот сектор, кои се од витално значење, се исклучени од забраната. Во периодот од 06:00 до 15:00 часот, жителите на овие два града можат да излезат само во квартот во кој живеат, за набавка на лекови и други основни работи.