Adem Demir
11 Септември 2016•Ажурирај: 12 Септември 2016
MEKA (АА) - Над два милиона аџии пристигнаа на брдото Арефат, каде што денес извршуваат еден од основните ритуали на светиот муслимански аџилак во Мека и Медина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Првите групи верници муслимани на Арефат пристигнаа синоќа, а патот долг 25 километри од сместувањето до Арефат изминатата ноќ беше преплавен со аџии во бели ихрами (бело парче платно кое се облекува при извшување аџилак), меѓу кои и стотици аџии од регионов.
Верниците муслимани ноќта на Арафат ја поминаа во молитви, а утринава по утринската молитва почна и програмата на обредот.
Групи аџии доаѓаат и на блиското Брдо на милоста барајќи прошка од Бог со молитва. Станува збор за брдо каде што за прв пат на Земјата се сретнале првиот маж и првата жена, Адам и Ева, и каде што е услишана првата молитва на човекот.
Аџиите од Арефат во предвечерните часови ќе преминат на Музделифа, а потоа и на Мина, каде што ќе ги извршат и преостанатите обреди од аџилакот.