Admir Fazlagic
20 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Учениците во гимназијата „Орце Николов" во Скопје нема да полагаат квалификациони тестови, ќе бидат распределени во веќе постоечки паралелки. Ова е договорот кој беше постигнат на денешната средба во Министерството за образование и наука (МОН) помеѓу надлежните од ресорното министерство и група родители на учениците кои се пријавиле за упис во гимназијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно, родители на ученици кои се пријавија за упис во гимназијата „Орце Николов“ беа собрани пред Влада каде истакнаа дека се противат на вонредното тестирање.
Потоа, собирот од Владата се пресели пред Министерството за образование и наука каде претставници на родителите учествуваа на вонредната средба.
Родителите на учениците кои се пријавија за упис во Гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, утрово се собраа пред училиштето од каде што упатија барање до Министерството за образование и наука, да се прошири квотата за упис во оваа гимназија, преку воведување нова паралелка или преку проширување на бројот на учениците во постоечките паралелки, а исто така потпишаа и петиција да нема приемен испит во училиштето.
За упис во Гимназијата „Орце Николов“ има 285 слободни места, а се пријавиле 400, од кои 330 биле со сите петки. Од нив десетици си ги повлекле документите и останале само дваесетина пријавени над квотата, поради што од надлежните било најавено дека ќе се спроведе приемен (квалификационен) испит во училиштето, а учениците кои се пријавиле за упис и нивните родители се спротивставиле на ваквата одлука.
Второто пријавување и запишување на учениците во средните училишта во државата ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни.