Admir Fazlagic
20 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Родителите на учениците кои се пријавија за упис во Гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, се собраа денеска пред училиштето од каде што упатија барање до Министерството за образование и наука, да се прошири квотата за упис во оваа гимназија, преку воведување нова паралелка или преку проширување на бројот на учениците во постоечките паралелки, а исто така потпишаа и петиција да нема приемен испит во училиштето, јавува Anadolu Agency (AA).
За упис во Гимназијата „Орце Николов“ има 285 слободни места, а се пријавиле 400, од кои 330 биле со сите петки. Од нив десетици си ги повлекле документите и останале само дваесетина пријавени над квотата, поради што од надлежните било најавено дека ќе се спроведе приемен испит во училиштето, а учениците кои се пријавиле за упис и нивните родители се спротивставиле на ваквата одлука.
Еден од претставниците на родителите, Зоран Филиповски, во изјава за медиумите соопшти дека имале средба со директорот на гимназијата, Митко Димовски.
„Нашите барања се идентични од вчера. Во меѓувреме бевме во Министерството за образование. Имавме разговор со раководителот на службата за средно образование и во тој разговор ги кажавме нашите аргументи дека нашите деца во принцип се на некој начин дискриминирани, затоа што ќе треба само тие да полагаат квалификациони испити од сите останати деца коишто се запишани во средните училишта“, изјави Филиповски.
Тој информираше дека како родители кажале повеќе аргументи во однос на постапката за приемните испити и добиле известување од Министерстовото за образование и наука дека ќе направат сѐ што е во нивна моќ да се реши овој проблем.
Филиповски смета дека како родители не бараат ништо што е надвор од законот, туку да се најде решение, со цел да нема притисок кој може да се одрази психолошки врз децата. Додаде дека се надеваат дека проблемот ќе се надмине на соодветен начин, а дека во спротивно, ќе ги бараат своте права.
„Единствено што морам да ви кажам е дека ќе инсистираме на тоа нашите деца да не бидат дискриминирани. Затоа што Македонија ја има потпишано таа конвенција против дискриминација и не смее како држава да ја крши, а тоа треба да го има на ум Министерството за образование“, истакна Филиповски.
Собраните родители пред гимназијата ги повикаа и оние родители кои не дошле а се засегнати од проблемот, да дојдат со цел да ги остварат своите права. Меѓу другото, истакнуваат дека треба да се вреднува трудот на децата, затоа што, сметаат тие, не може со тест од времетрање од половина час, да се поништи труд на децата низ сите години наназад во текот на основното образование.
Исто така, родителите на учениците апелираат проблемот да не се политизира, барајќи од надлежните институции што поскоро да го решат проблемот со кој се соочуваат учениците.
По собирот пред училиштето, родителите се упатија на средба во Владата, а потоа и на собир пред Министерството за образование и наука.
Второто пријавување и запишување на учениците во средните училишта во државата ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни.