Zylfije Adem Jakupi
12 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
ПРИШТИНА (АА) - Одборот на Европскиот парламент за граѓански слободи, правосудство и внатрешни работи (ЛИБЕ) денеска ја изгласа одлуката за либерализација на визниот режим за Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Одборот соопштија дека одлуката ја изгласале 48 европратеници, седуммина биле против, а тројца воздржани.
„На следната пленарна седница, Европскиот парламент ќе гласа за ова“, се наведува на твитер-профилот на Одборот на ЛИБЕ.
Известувачот за визите на Европскиот парламент, Тијс Ројтен, денешното гласање го оцени како чекор поблиску до долгоочекуваната визна либерализација за Косово.
По гласање во Одборот ЛИБЕ, на пленарната седница на Европскиот парламент мора да се гласа и за либерализација на визниот режим, а потоа гласаат и министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската Унија.
На крајот од процесот, одлуката се објавува во Службениот весник.
Амбасадорите на земјите од ЕУ во декември минатата година се договорија за преговарачкиот мандат на Европскиот совет за безвизно патување за граѓаните на Косово. Тогаш беше договорено либерализацијата да стапи во сила најдоцна до 1 јануари 2024 година, со компаративна операционализација на системот ЕТИАС.
ЕТИАС е систем за давање овластување за патување во оние земји од Европската Унија кои припаѓаат на Шенген зоната.
Косово е единствената земја во регионот чии граѓани сè уште не можат да патуваат без виза во Шенген зоната.