Oktaj Omeragikj
19 Октомври 2025•Ажурирај: 19 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Започна процесот на гласање во Северна Македонија на осмите локални избори по ред од независноста на земјата, известува Анадолу.
Граѓаните своето граѓанско право ќе можат да го остварат на гласачките места од 07:00 до 19:00 часот, на вкупно 3.480 избирачки места низ целата земја.
Државната изборна комисија (ДИК) објави дека на овие локални избори право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои ќе бираат 80 градоначалници и членови на општинските совети низ целата земја и градоначалник на Градот Скопјe и членови на Градскиот совет на Скопјe.
На локалните избори за функцијата градоначалник се натпреваруваат 309 кандидати. За членови на општинските совети се поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.
На осмите локални избори во Северна Македонија учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати.
Државната изборна комисија соопшти дека за следење на овие избори се акредитирани вкупно 1.451 набљудувач, 807 домашни, 644 странски набљудувачи и 12 странски новинари.
По гласањето што ќе се одржи денес ќе следи втор круг на гласање кое е закажано за 2 ноември, во оние општини во коишто ниту еден од кандидатите не успеал да го освои потребното мнозинство во првиот круг. Во вториот круг на гласање за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој ќе освои поголем број гласови.
Доколку и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.
Политичките партии и независните кандидати одржаа митинзи и средби со граѓаните, ветувајќи подобрување на инфраструктурата, јавните услуги и локалниот економски развој во текот на 20-дневната предизборна кампања, која започна на 29 септември и заврши на полноќ на 17 октомври.
Ова се осми локални избори во Северна Македонија, по оние во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година, и се сметаат за важен тест за политичките сили во пресрет на претстојните парламентарни избори.