Miki Trajkovski
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ОХРИД (АА) - Тричлена мисија на УНЕСКО (Меѓународната организација за заштита на светското културно и историско наследство) е во неколкудневна посета на Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие преку средби со локалните и државни институции ќе се обидат да добијат одговори кои се плановите на државата во врска со најавите за реализација на неколку инфраструктурни проекти како што се експресен пат Охрид-Свети Наум преку Националниот парк Галичица, скијачки центар на планината како и три туристички развојни зони во Охрид, Стење и Отешево.
По средбата со раководството на Националниот парк Галичица, Унеско мисијата имаше средба и со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали Бунташевска.
Таа не верува дека Охрид може да се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО.
„Се разговараше за нашите надлежности кои ги имаме околу заштитата на културното наследство, изработката на проектите за конзервација, изработката на елаборати за валоризација, заштитно конзераторски основи, урбанизација на одредени простори и за проектите кои ги планираме во наредниот период.Немаа никакви забелешки“, рече Паскали.
Таа кажа дека ги почитуваат сите препораки на УНЕСКО и дека работат според законските процедури и според законот за природно и културно наследство.
„Имаме многу сработено во изминатите години.Ќе има извештај од УНЕСКО, дали ќе е со препораки ќе видиме кога ќе го добиеме“, кажа Паскали.
За раководството на Националниот парк Галичица, предвидените проекти кој треба да се реализираат во делот на паркот, нудат просперитет за Охрид, економски и туристички развој за македонскиот туристички центар.
- Местото на Охрид на листата на УНЕСКО не е доведено во прашање
Според надлежните сите препораки и забелешки кои УНЕСКО ќе ги даде ќе бидат инкорпорирани во плановите.
Според нив нема причина Охрид да се најде на црна листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО.
Претставниците на Унеско денес направија обиколка на старото градско јадро на Охрид, Античкиот театар, локалитетот Плаошник, црквата Света Богородица Перивлепта, Галеријата на икони, црквата Света Софија и други.
Од Македонија си заминуваат на 13 април, по што ќе биде изготвен извештај за нивната мисија, препораки и забелешки кои ќе бидат јавно објавени.
Тие денес кратко изјавија дека никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО.
Кажаа дека нивната посета на Охрид била рутинска со цел да ја проверат состојбата на веќе постоечките објектите но и да се запознаат со идните планови и проекти.
Инаку Охрид со Охридското езеро под заштита на УНЕСКО се од 1980 година.