Парламентарното собрание на Советот на Европа одржа состанок во Собранието на Албанија
„Советот на Европа продолжува да придонесува за унапредување на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Албанија и во другите земји од Западен Балкан“
ТИРАНА (АА) - Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа одржа состанок во Собранието на Албанија, на кој учествуваа официјални претставници и пратеници, јавува Анадолу.
На отворањето на состанокот поздравен говор имаше претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која истакна дека благодарение на реформите што Албанија ги презема под раководство на премиерот Еди Рама, земјата покажува постојан напредок.
„Советот на Европа продолжува да придонесува за унапредување на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Албанија и во другите земји од Западен Балкан. Денес Албанија се движи со најбрзо темпо од сите земји во регионот кон европска интеграција и ние го одредивме како национален стратегиски приоритет членството во Европската Унија до 2030 година. Албанија е определена во својата дестинација и има само план А за својата иднина: Членство во Европската Унија“, рече Спиропали.
Државниот министер за односи со Собранието во Владата на Албанија, Таулант Бала, исто така, изјави дека Албанија бележи континуиран напредок.
„Ние сме домаќини на една ваква важна средба. Многу напредувавме овие години. Имаме одговорност и се трудиме да ги консолидираме нашите демократски институции. Советот на Европа нѐ водеше и нѐ поддржа во нашите напори против корупцијата и правосудниот систем“, рече Бала.
Претседателката на делегацијата на Собранието на Албанија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Блерина Ѓуламети, изјави дека е многу важна одлуката Албанија да премине во постмониторинг фаза.
На почетокот на активноста поздравен говор имаше и Могенс Јенсен, потпретседател на Комисијата за мониторинг при Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Комитетот за мониторинг е одговорен за верификација на исполнувањето на обврските преземени од земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.