Zülfiya Yakup
08 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Немаше напредок на денешниот состанок во организација на претседателката на Косово, Атифете Јахјага, со претставниците на парламентарните политички субјекти со цел изнаоѓање на решение за излез од кризата, јавува Anadolu Agency (АА).
Претставниците на владеачката коалиција останаа на ставот дека решение за сите прашања мора да се најде преку Собранието и институциите на земјата, додека опозицијата остана на ставот дека Косово треба да оди на предвремени парламентарни избори.
На состанокот присуствуваа лидерите на Демократскиот сојуз на Косово Иса Мустафа, на Демократската партија на Косово Хашим Тачи, опозиционата Алијанса за иднината на Косово Рамуш Харадинај, претседателот на „Српска листа” Славко Симиќ, претставникот на пратеничката група на останатите малцинства „6+” Махир Јагчилар, како и набљудувачите, шефот на Канцеларијата на ЕУ на Косово Самуел Жбогар и американскиот амбасадор на Косово Грег Делави.
Иса Мустафа, премиерот на Косово, рече дека решението на сите проблеми мора да се најде преку Парламентот со учество на сите политички субјекти и партии. Мустафа рече дека барањето за мислење од Уставниот суд за Заедницата на општини со српско мнозинство е предвидено со договорот постигнат во Брисел и дека по одлуката на судот вратите на опозицијата ѝ се отворени тоа прашање да се реши заеднички, во согласност со косовските закони.
Хашим Тачи, првиот заменик премиер и лидер на ДПК оцени дека денешниот состанок беше потребен и изрази жалење што не се појавија и останатите политички партии. Тачи изјави дека лидерот на опозицијата Рамуш Харадинај, кој беше присутен на состанокот, не говорел за договорите за Заедницата и демаркацијата на границата со Црна Гора, туку само за рушење на Владата.
Харадинај беше единствениот претставник од опозицијата, бидејќи другите две опозициони партии не ја прифатија поканата на претседателката. По состанокот изјави дека побарал предвремени избори и претседателот да се бира директно на избори. Додаде дека економијата на земјата е во колапс, дека судството е исполитизирано и дека сè уште не е формирана војската на Косово, а се кулминирало со договорите за кои Уставниот суд пресуди дека не се во согласност со Уставот, рече Харадинај.
Тој потсети дека обединетата опозиција на 17-ти февруари ќе излезе на протест со цел да ја запре понатамошната деградација на земјата.