Besar Ademi
12 Јануари 2016•Ажурирај: 13 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои од синоќа се во посета на Република Македонија, по состанокот со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) и Специјалниот јавен обвинител, во заедничка изјава апелираа до политичките партии во земјата брзо да се решат сите отворени прашања од Договорот во Пржино, јавува Anadolu Agency (AA).
Европратениците бараат целосна посветеност на сите страни во решавање на преостанатите чекори од договорот, кој, како што велат, е во критична состојба.
Акцент, европратениците ставија на подготовката на регистар на гласачи, како и преземање чекори за зголемување на слободата на медиумите.
Пратениците изјавија дека целосната имплементација на Договорот од Пржино е единствениот начин да се исполнат демократските аспирации на граѓаните, како и за одржување на позитивна препорака за отворање на преговорите, како и обезбедување на евроатланска интеграција и европска перспектива.
"Ние сакаме да ѝ укажеме на Република Македонија дека се грижиме за оваа земја. Сметаме дека ова е важно место за европската геополитика и тоа е една од причините зошто ние сме заинтересирани да се реализира европската иднина на Македонија", рече европратеникот Иво Вајгл, барајќи од македонските граѓани да веруваат во ова решение, кое е во интерес на државата.
"Ние ги нудиме нашите услуги за да ѝ помогнеме на земјата да ја надмине политичката криза, која е актуелна долго време, како и да помогнеме во напредокот на патот на исполнувањето на европските амбиции. Целосната имплементација на Договорот од Пржино ќе помогне за унапредување на земјата кон Европската унија", рече европратеникот Едвард Кукан.
"Единствениот начин за иднината на земјата е полна имплементација на Договорот од Пржино. Тој не се спроведува целосно, но треба да се спроведе, вклучувајќи ја и оставката на премиерот и структурните реформи, како и други делови од договорот", рече европратеникот Ричард Ховит.
Во петок во Скопје доаѓа еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со цел да направи увид во спроведување на договорот, чија крајна цел е одржување на предвремени парламентарни избори на 24-ти април годинава.
Посетата на Хан се очекува да се поклопи со изборот на техничка влада и на нов привремен премиер, со единствена задача, спроведување на предвремените избори.