Bojana Stojanovic
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Словенија, Борут Пахор, денес изјави дека го поддржува дијалогот Белград - Приштина, нудејќи помош од Словенија во решавањето на тоа прашање, како и поддршка на патот на Србија кон Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Западен Балкан не мора да биде простор на конфликти“
Пахор, кој престојува во трета посета на Србија, на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека Словенија ги поддржува амбициите на Србија да стане членка на ЕУ.
Поради тоа, за него е важно да слушне што има Србија да каже во однос на прашањата важни за европскиот пат, како што е прашањето за Косово.
„Како твој пријател и пријател на државата, јас го поддржувам дијалогот и не гледам никаква алтернатива за него. Не знам кога и како ќе заврши тоа, тоа зависи од преговорите, но она што може Словенија да помогне, јас понудив искрена помош“ , рече Пахор.
Тој оцени и дека уредувањето на прашањата во регионот во голема мера зависи од самите лидери во регионот.
„Ние како одговорни лидери мораме да бидеме свесни за нашата одговорност во процесот на помирување, меѓусебната доверба и решавањето на билатералните прашања“, рече Пахор.
Тој наведе дека многу европски лидери прашале за мислење за договорот меѓу Белград и Приштина за можна корекција на границите, и дека смета оти тоа сигурно бара голема мудрост и многу голема приврзаност за мирно решавање на спорот, како и огромна доверба на другите држави важни за успешност на договорот.
„Ова е процес кој во прв ред мора да биде толерантен, доверлив и со мирно решавање, бидејќи не смее да донесе други проблеми во регионот. Јас не би го отфрлил тоа како решение, но би бил многу, многу претпазлив“, рече Пахор.
Запрашан за коментар во врска со протестите што се одржуваат против властите во Белград, но и во другите градови во Србија, словенечкиот претседател одговори дека не смета дека Србија е во политичка криза, и дека сѐ друго што би кажал би било мешање во внатрешните работи на земјата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведе дека верува оти во изнаоѓањето решение за прашањето за Косово, а кое гарантира мир, Србија има поддршка од Словенија.
„Ако Србите и Албанците некогаш дојдат до што било, јас сум убеден дека ќе ја имаме поддршката на Словенија“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија сака гласот на Словенија да биде уште погласен во Брисел.
Според него, сѐ помалку луѓе во Србија сакаат решение за прашањето за Косово, бидејќи сметаат дека е добро како што е сега.
Тој додаде дека стравува оти со тоа би било само полошо, и дека просторот за можен компромис е стеснет.
Прашан за коментар во врска со изјавата на министерот за надворешни работи на Словенија, Миро Церар, дека Србија можеби е недоволно одредена на европскиот пат, Вучиќ изјави дека Србија е на европскиот пат, но дека ќе продолжи да одржува односи со Русија.
Вучиќ говореше и за протестите против властите, истакнувајќи дека кога ќе се отиде на гласање, сите тие политички партии што учествуваат во нив, нема да можат да победат.
„Тие се во слободен пад што се однесува до изборите“, рече Вучиќ.
Претседателите на двете земји ќе учествуваат на бизнис-форумот Србија - Словенија.