Furkan Abdula
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, објави порака со сочувство за несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички во Бугарија, која ја опиша како трагедија која не се памети во поновата историја на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заев за автобуската несреќа: Се случи страшна трагедија, загинати се 46 лица
„Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија“, напиша Пендаровски на својот Фејсбук профил.
„Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја“, нагласи тој.
„Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“, додаде Пендаровски.
Потсетуваме дека автобусот со таблички на Северна Македонија се запали откако удри во бариера покрај патот на автопат во западна Софија, јави приватната телевизија НОВА.
Првичните извештаи говорат дека меѓу 46-те загинати има 12 деца, а соопштено е дека автобусот тргнал од Истанбул вчера и влегол во Бугарија доцна синоќа.