Stipe Mayiç
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека во хрватски интерес е тензиите меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција да се намалат, со цел мигрантската рута преку Хрватска да остане затворена, јавува Anadolu Agency (AA).
На прашањето дали се подготвуваат Европа и Хрватска за уште еден мигрантски бран преку Хрватска, Пленковиќ изјави дека детално анализираните податоци во однос на истиот период 2016 година говорат дека засега мигрантска криза во Хрватска нема.
„Бројот на мигранти кои се движат по источномедитеранската, западнобалканската рута е намален за 98 проценти. Рутата е практично затворена“, оцени хрватскиот премиер.
Пленковиќ смета дека е важно да се почитува договорот меѓу Европската Унија и Турција, кој, како што кажа, се темели на финансиската поддршка, на визната либерализација и преговарачкиот процес на Турција со ЕУ.
„Хрватската полиција и сите оние кои се задолжени за безбедноста на нашите граници се подготвени за секаков вид на криза, но во овој момент не гледам дека е интензивирана онаа рута која за нас би била проблематична“, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека е интензивирана средномедитеранската рута која води од северниот брег на Африка кон Малта и се протега до Италија, држави кои во овој момент се најизложени на бранот мигранти.