Bojana Stojanovic
16 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
БЕЛГРАД (АА) - Самитот на Европската Унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, коj во четврток ќе се одржи во Софија, има за цел да ја потврди посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, но исто така, и да укаже на потребата од поблиска соработка помеѓу балканските земји и развој на нивните добрососедски односи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според официјалното соопштение на ЕУ, тема на Самитот кој се организира во рамките на бугарското претседателство на Советот на Европската Унија, е поврзување со цел подобрување на односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и врската во рамките на регионот, особено во областа на инфраструктурата, како и помеѓу луѓето и дигиталната сфера.
Самитот на кој освен шефовите на државите и владите на земјите членки и високите претставници од ЕУ ќе присуствуваат и лидерите од Западен Балкан, треба да ја потврди подготвеноста на ЕУ кон партнерите на Западен Балкан и дека регионот му припаѓа на европското семејство, како и потребата за многу поблиска соработка во справувањето со заедничките предизвици, како што се безбедноста, миграцијата, геополитичкиот развој и добрососедските односи.
„Целта на Самитот е да се потврди јасната европска перспектива за Западен Балкан, но без создавање лажни очекувања. Процесот на пристапување во ЕУ за секоја земја ќе биде продолжен со веќе утврден пат и напредок, секоја земја ќе биде оценувана индивидуално и објективно, а во согласност со критериумите“, се вели во најавата за Самитот.
Во најавата за Самитот, исто така, се наведува дека европската перспектива на Западен Балкан е еден од четирите приоритети на бугарското претседателство.
„Стабилноста и просперитетот на Западен Балкан е подеднакво од интерес за ЕУ, како и од интерес за граѓаните во регионот, бидејќи тоа е предуслов за мир и просперитет во Европа“, се истакнува во соопштението за Самитот.
На Самитот ќе учествуваат лидерите на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово. Домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов. Со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ја претставува ЕУ, а на Самитот ќе учествува и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Се очекува на Самитот да земат учество и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, комесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и претставници на Светската банка.
„На Самитот нема да учествува премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, поради ставот на таа земја за Косово, но Шпанија сепак ќе има свој претставник“, беше објавено во Брисел.
Инаку, лидерите на земјите членки на ЕУ и претставници на ЕУ ќе се состанат денеска во пресрет на Самитот, а тема на работната вечера на шефовите на државите или владите на земјите од ЕУ ќе биде дипломатските тензии поради Иран и економските проблеми поради американските такси за челик.
Во четврток на 17 мај започнува Самитот на пленарната седница за поврзување, потоа следува работниот ручек, по што ќе следува заедничката прес-конференција на Туск, Јункер и Борисов.