Vesna Besic
11 Јули 2022•Ажурирај: 12 Јули 2022
ПОТОЧАРИ (АА) - На гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се одржа погребна молитва за 50 жртви на геноцидот извршен во летото 1995 година на подрачјето на Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници луѓе утрото пристигнаа во Поточари, каде што им оддадоа почит на жртвите на геноцидот извршен врз мажи и момчиња во 1995 година. Годинава „Сребренички инферно“ за прв пат беше изведен од хор од деца од Сребреница.
Погребната молитва во Поточари ја предводеше реис-ул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин еф. Кавазовиќ.

„На денешен ден, 11 јули, собрани на овие гробишта, стоиме пред твоето лице, свесни за тежината на злосторството извршено од злите луѓе. Ја испраќаме нашата тага за нашите најблиски, нашата тага до тебе, Господе наш, кој слушаш сè, гледаш сè и знаеш сè. Те молам, утеши ги нашите души и дај ни надеж. Ова е ден на тага и голема болка, ден во кој слушаш липање, воздишки и молитви од нашите души и срца врзани со тага. Нека нашиот долг на верата се исполни со постојаното сеќавање на ова планетарно зло што му беше направено на нашиот народ и нека ја разбуди во нас силата и решителноста да му се спротивставиме и да го победиме во иднина. Ги повикуваме нашите соседи да ни се придружат во ова, да ја споделат со нас огромната тага и болка што ја чувствуваме. Ги повикуваме заедно со нас да учествуваат во откривањето на гробовите и сеќавањето на невино убиените соседи, луѓе, мажи, жени и деца, кои ги познавале и живееле со нив“, рече Кавазовиќ.
Преживеаните од Сребреница, членовите на семејствата на убиените, пријателите и соседите ги носеа ковчезите со посмртните останки на жртвите од геноцидот во гробот.
Најмладата жртва што ќе биде погребана денеска е Салим Мустафиќ, роден 1979 година во Токољаци кај Сребреница. Имаше 16 години кога беше убиен во летото 1995 година. Неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2006 година.
Освен Салим, ќе бидат погребани уште двајца малолетници кои во моментот на смртта имале само 17 години - Вахид Смајловиќ (1978) и Елвир Муминовиќ (1978).
Најстарата жртва што денеска ќе биде погребана е Хусејин Крџиќ, роден 1936 година.

Денес ќе бидат погребани и близнаците Хасановиќ. Семир и Самир имале само 20 години кога се ликвидирани. Родени се во 1975 година во Прохичи кај Сребреница. Нивните посмртни останки беа ексхумирани од различни масовни гробници откриени на локалитетите Липље и Каменица.
Заедно ќе бидат погребани и таткото и синот Хајдин и Сеад Хукиќ. Хајдин Хукиќ во моментот на смртта имал 53 години, додека неговиот син имал само 21 година кога е убиен.
Сите жртви што ќе бидат погребани денес, со исклучок на деветте жртви кои се ексхумирани од масовната гробница на локалитетот Добро Поље кај Калиновик, откриена во јуни 2021 година, се ексхумирани од масовните гробници откриени во текот на претходните години, некои од нив дури и 1997 и 1999 година, како Липље, Пилица, потоа од гробниците откриени во 2001, 2004, 2006 и 2011 година.

Одреден број жртви се ексхумирани од масовните гробници што се откриени во Каменица, долината на смртта, во текот на 2001, 2007 и 2008 година. Посмртните останки на некои жртви се пронајдени во две, па дури и во три различни масовни гробници.
На гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница – Поточари досега се погребани 6.671 жртва на геноцидот извршен од тогашната Војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ извршен против Бошњаците во 1995 година во Сребреница.