Bekim Laci
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Родителите од разведени двојки, поголемиот дел мајките, бараат од државата да направат измени во Законот за семејство, со што двајцата родители ќе имаат законска обврска да се грижат за своите деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓанската Иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод, Граѓанската Иницијатива за еднакви права на лицата со хендикеп и посебни потреби 5 до 12 и Првата детска амбасада во светот Меѓаши, на заедничка прес-конференција го соопштија потпишувањето на меморандумот за соработка преку којшто ќе се ангажираат за нивните барања, за коишто велат дека веќе се потврдени како права од страна на експертите во Македонија, но, според нив, тие не се применуваат во практиката.
Наум Рибарски, претставник на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод, истакна дека игнорирањето на барањето за заедничко родителство најмногу ги оштетува децата, кои се претвораат во средство за пресметка меѓу родителите по разводот.
„Од нашите барања ќе имаат придобивки сите семејства, но особено семејствата што имаат деца со атипичен развој. Бараме по разводот, двајцата родители да имаат право да се грижат за детето, но во случај кога еден од родителите одбива, државата да го обврзе да ги врши обврските“, нагласи Рибарски.
Сузана Стојановска, згрижувачка мајка на дете со посебни потреби, член на Граѓанската иницијатива за еднакви права на лицата со хендикеп и посебни потреби 5 до 12, пренесе дека во Македонија, во 90 отсто од случаите, децата на разведени двојки живеат со своите мајки, што не значи дека со тоа завршуваат обврските на таткото.
„Не можеме да ги обврзуваме да го сакаат своето дете, но можеме да ги обврземе да имаат финансиски обврски кон нив. Во Законот за семејства не се вклучени децата со посебни потреби, ниту родителите, затоа бараме измени во Законот и вклучување на овие категории во нив“, вели Стојановска.
Драги Змијанац од амбасадата Меѓаши истакна дека неговата институција ги поддржува горенаведените иницијативи, кои според него, овозможуваат детето да има двајца функционални родители кои одлучиле да се разведат.
Тој додаде дека меѓу препораките поднесени до државата е и финансиската поддршка за децата на разведените двојки, ако родителите не се во состојба да ги покриваат трошоците.