Bekim Laci
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна дводневниот годишен состанок на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност на парламентите во регионот, кој е во коорганизација на РАКВИАК - Центарот за безбедносна соработка и Комисијата за одбрана и безбедност на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на овогодинешниот состанок е обемно информирање за искуствата и механизмите на комисиите за одбрана и безбедност на парламентите во регионот, при што учесниците ќе дискутираат за предизвиците, процедурите и механизмите во областа на одбраната и безбедноста.
Како што нагласи организаторот, РАКВИАК Центарот, поради безбедносната ситуација во Југоисточна Европа, која се карактеризира со многу комплексни случувања, овој состанок претставува добра можност учесниците да разменат мислења за актуелните безбедносни предизвици.
Директорот на РАКВИАК Центарот, Хајдар Берк, ангажиран во Министерството за надворешни работи на Турција, рече дека нивната главна цел е да се изградат мостови во областа на безбедноста и соработката, со посебен акцент на подготовката на членовите на организацијата за пристапување во трансатлантските структури.
„Нашето доаѓање во Скопје говори за нашата силна поддршка за целосно полноправно членство на Македонија во НАТО и во ЕУ“, рече Берк.
Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Македонија, Хари Локвенец, рече дека конференцијата се организира само една недела по потпишувањето на историскиот договор меѓу Македонија и Грција, и неколку дена пред приемот на поканата за членство во НАТО и датумот за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ.
„Сите овие чекори што ги правиме водат кон стабилна иднина, безбедност и стабилност, не само во Македонија, туку и во регионот во целина“, рече тој, додавајќи дека ваквите иницијативи за соработка во сферата на одбраната и безбедноста како никогаш порано се основа за зајакнување на мирот и довербата пошироко.
РАКВИАК е меѓународна организација со седиште во Загреб, Хрватска, со девет земји членки и 14 асоцијативни членови, со дипломатски статус во рамките на Виенската конвенција. Тесно соработува со меѓународни организации како ОН, НАТО, ЕУ, ОБСЕ, Центарот за спроведување на закон во Југоисточна Европа (SELEC), Женевскиот Центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ), УНДП, ИТФ, Регионалниот совет за соработка (РКК), Регионалниот центар МАРРИ и др.
Оваа организација ги вклучува Македонија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Романија, Србија и Грција.