Zülfiya Yakup
21 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - Поранешниот премиер на Косово и поранешен заменик-претседател на Демократската партија на Косово, Бајрам Реџепи, почина денеска по долго боледување во болница во Турција, пренесува Anadoly Agency (АА).
Смртта на Реџепи ја потврди неговото семејство. Реџепи во месец април претрпе мозочен удар, од кога беше во кома.
Бајрам Реџепи е роден во Митровица на 3 јуни 1954 година. Дипломираше на Медицинскиот факултет во Приштина во 1979 година, а постипломските студии ги заврши во Загреб во 1985 година. Работеше како општ хирург во регионалната болница во Митровица до 1990 година.
За време на војната во Косово во 1999 година, Реџепи ѝ се приклучи на Ослободителната војска на Косово, каде што служеше како доктор. По војната, како член на Демократската партија на Косово, стана претседател на општина Митровица, а потоа и прв косовски премиер во Владата на широката коалиција. Подоцна беше и министер за внатрешни работи.
На претпоследните парламентарни избори во 2014 година не се најде на изборната листа на неговата партија, по што ѝ се врати на својата лекарска професија.
Сочувство по повод смртта на Реџепи упати Кадри Весели, претседателот на Демократската партија на Косово.
„Голема загуба за земјата. Неговиот придонес за Косово беше голем и народот од Косово ќе го памети Бајрам како голем и одговорен работник“, наведе Весели на својот профил на социјалната мрежа „Facebook“ (Фејсбук).
И поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, упати сочувство до семејството Реџепи преку својот „Facebook“ профил со зборовите: „Вашата загуба е загуба и за сите нас“.