Admir Fazlagic
21 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Република Македонија соопшти дека почина една жена, што беше повредена во превртувањето на автобусот којшто се движеше на автопатот Велес-Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во клиничкиот центар Мајка Тереза се донесени вкупно 17 пациенти од кои четири на КАРИЛ- еден пациент со абдоминално крварење, еден со сериозна торакална повреда и двајца со повреди на градниот кош", информираше Министерството за здравство.
Според досегашните информации, освен починатата жена што беше повредена во превртувањето на автобусот на автопатот Скопје – Велес, на едно деветгодишно девојче му се ампутира раката на Детската хирургија во Скопје, а еден од повредените е на интензивна нега на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски" во Скопје, но е надвор од животна опасност. Останатите 24 повредени исто така се надвор од животна опасност.
Од Министерството за здравство соопштија дека повредените се згрижени на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски", во клиничкиот центар „Мајка Тереза" и во Градската болница „Осми Септември" во Скопје, како и во Општата Болница Велес.
Вечерва во близина на зимскиот пункт Кула на автопатот Скопје - Велес автобус со македонски регистарски таблички, во кои беа патници македонски државјани, изгубил контрола и излетал од коловозот, при што како што соопшти Министерството за здравство беа повредени 27 лица.
Сообраќајот беше во прекин, додека возилата на итна помош да ги пренесат повредените во болница.
Првично, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, соопшти дека при превртување на автобусот беа повредени најмалку 26 лица.