Abdula Berisha
01 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Град Скопје информираше дека почина заменик-градоначалникот Енвер Малиќи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Не споменувајќи ја причината за смртта, од Град Скопје преку официјалната страница на социјалните мрежи потенцираат „изгубивме голем пријател, драг колега“.
„Со длабока тага ја информираме јавноста дека денеска почина Енвер Малиќи, заменик градоначалник и член на Советот на Град Скопје. Денеска загубивме голем пријател, драг колега и човек кој својот лик и дело на повеќе нивоа нераскинливо ги врзува за Скопје. Нека му е вечна слава", стои во објавата.
На локалните избори во 2017 година, Малиќи беше избран за член на Советот на Град Скопје од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), а подоцна беше назначен за заменик градоначалник на Град Скопје од страна на градоначалникот Петре Шилегов.
Пред да се вклучи во политика, Малиќи беше познат како успешен бизнисмен во Северна Македонија и земјите од регионот, сопственик на компании од областа на дистрибуција на стоки, недвижнини и хотели.