Admir Fazlagic
29 Септември 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на голем број љубители на различни народни култури како и бројни учесници, културно-уметнички друштва и детски фолклорни ансабли од Хрватска, Полска, Јакутија (руска автономна република), Србија, Бугарија и македонски ансамбли вечерва беше отворено дваесетишестото издание на меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници", јавува Anadolu Agency (AA).
На фестивалот беше забележително присуството на голем број деца и млади кои дојдоа да уживаат во изведбите на народните ора и игри на децата од земјите од регионот и пошироко кои со своите настапи на скопскиот плоштад ја претставија својата богата култура и традиција.
Фестивалот започна денеска а ќе трае до недела при што ќе се претстават сите наведени учесници на овој меѓународен детски фолклорен фестивал кој важи за еден од најмасовните во регионот.
Овој културен спектакл го организираат Детскиот културен центар „Карпош“- Скопје во соработка со Град Скопје со Министерството за култура на Републиа Македонија, со цел промоција и размена на фолклорот на земјите од регионот, но и пошироко.
Според најавите на организаторите, традиционално, како и во изминатите години, за сите учесници на фестивалот ќе се реализира организирана прошетка во Лешок, Тетово, каде што ќе биде и затворањето на Фестивалот со настап на гостите и на домашните фолклорни ансамбли.