Kemal Zorlak
22 Ноември 2020•Ажурирај: 23 Ноември 2020
САРАЕВО
Познатиот босанскохерцеговски актер Мустафа Надаревиќ почина во 77. година од животот, по долга борба со тешка болест, јавува Агенција Анадолија (АА).
Веста за смртта на Надаревиќ ја потврди и босанскиот актер Моамер Касумовиќ, негов долгогодишен партнер во популарната серија „Луд, збунет, нормален".
„Збогум, драг мој Муица", напиша Касумовиќ на социјалната мрежа Твитер.
Мустафа Надаревиќ е роден во Бања Лука во 1943 година, детството го поминал во Босански Нови. По завршената гимназија во Ријека, дипломирал на Академијата за драмска уметност во Загреб. Театарската кариера ја започнал во Загребскиот младински театар, од 1969 година е член на Драмата на Хрватскиот народен театар во Загреб. Филмската кариера ја започнува дури во почетокот на осумдесеттите години во споредни улоги.
Во филмот „Татко на службен пат", на Емир Кустурица од 1985 година се истакна со улогата на Зијах. Потоа следуваа филмовите „Веќе видено" на Горан Марковиќ од 1987 година, „Глембаеви" на Антун Врдољак од 1988 година, потоа филмот „Кудуз", „Глув барут", „Празник во Сараево", „Пушка за успивање", „Ничија земја", „Гори ватра", „Нафака", и многу други. Публиката пред малите екрани ја импресионираше со улогата на Изет Фазлиновиќ во серијата „Луд, збунет, нормален", која е снимана од 2007 до 2016 година, по која највеќе ќе остане запаметен.
Како режисер дебитирал во 1992 година со претставата „Лет над кукавичкото гнездо", а потоа постави неколку големи претстави - „Балкански шпиун" на Душан Ковачевиќ, „Забуни" на Ален Ајкборн во Сатиричниот театар Керемпух, „Хасанагиница" на Милан Огризовиќ во Хрватскиот народен театар и Народниот театар во Сараево.