БЕЛГРАД (АА) - Пописот на населението во Србија почнува денес, 1 октомври, во осум часот, и ќе трае до крајот на месецот, а граѓаните одговараат на 69 прашања, од кои на три, за мајчиниот јазик, вероисповедта и националната припадност, не е задолжително да се даде одговор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се проценува дека во пописот ќе бидат ангажирани 20.000 луѓе, од кои 15.000 попишувачи и 2.200 инструктори, со 161 член на пописната комисија, меѓу кои и членови на националните малцинства.
За прв пат ќе се користат електронски прашалници, односно податоците ќе бидат директно запишувани во електронските обрасци, наместо во досегашните хартиени.
Електронскиот внес и обработката на податоците го подигнаа во јавноста прашањето за нивната безбедност, но српските власти истакнуваат дека методологијата на пописот потполно е усогласена со меѓународните стандарди, нагласувајќи дека податоците од пописот ќе бидат искористени исклучиво за статистички потреби.
Истакнато е дека се преземени сите достапни мерки за заштита на податоците, поради што личните податоци на граѓаните нема да можат да се користат за други цели, освен за статистички.
За потребите на пописот српскиот Републички завод за статистика разви сопствен софтвер што не е, како што е објаснето, само доказ за „домашните програмерски вештини и способности“, туку и начин податоците дополнително да се заштитат.
Според проценките, пописот за една граѓанка односно граѓанин трае околу 30 минути, а законот предвидува дека граѓаните имаат право да одбијат да се изјаснат за тоа кој им е мајчин јазик, која вероисповед се и на која нација припаѓаат.
Едно прашање што не се појавуваше во поранешните пописи предизвика посебно внимание кај јавноста, а се однесува само на мажите, од коишто се бара да одговорат колку биолошки деца имаат.
Иако во лаичката јавност можеа да се слушнат коментари дека со тоа прашање државата сака да знае колку има вонбрачни деца, експертите тврдат дека станува збор исклучиво за утврдување на степенот на машки фертилитет, односно плодност.
Дел од јавноста како необично го оцени и прашањето за луѓето кои некое време живееле во странство, за тоа кога и колку долго престојувале надвор од Србија.
Невообичаено е за некои и прашањето за тоа каде живеела мајката во моментот на раѓањето на детето, но властите нагласуваат дека тоа е логично прашање бидејќи децата од селските средини се раѓаат во родилиштата во најблиските градови, па ќе испадне дека во некое село не се родило ни едно дете, бидејќи пишува дека се родиле во град.
Поради новата технологија на пописот некои граѓани се загрижени од злоупотребата на податоците, па на социјалните мрежи се појавуваа повици да се бојкотира пописот и се споменуваат неизбежните теории на завера.
Во некои српски медиуми можеа да се видат оцени дека поголемиот број жители се индиферентни, и дека позитивен однос кон пописот имаат малцинствата.
За оние што ќе одбијат да учествуваат во пописот следуваат казни од 20.000 до 50.000 динари, што е околу 170 до 430 евра, но властите нагласуваат дека не е цел казнување на граѓаните и полнење на буџетот, туку развивање на свеста за тоа колку е важен пописот за иднината на државата и креирањето на нејзините следни потези.
Казни се планирани и за оние попишувачи кои се упорни и кои инсистираат граѓаните да дадат одговор на трите споменати прашања за јазикот, вероисповедта и националноста.
Во уште три случаи се предвидени казни за нив - ако работата за пописот не ја извршуваат благовремено и на прописен начин, ако не водат грижа за точната обработка на податоците и ако не ги чуваат во тајност сите собрани податоци.
На оние граѓани што попишувачите нема да ги најдат дома ќе им биде оставено известување за тоа со број на инфо-центарот, преку кој граѓаните се обврзани да ги контактираат попишувачите и да договорат ново време за попишување.
Прелиминарните резултати од пописот ќе бидат познати 30 дена по завршувањето на пописот, односно на 30 ноември, додека конечните резултати ќе бидат соопштени помеѓу април 2023 и мај 2024 година.
Претходниот попис во Србија беше организиран во 2011 година, па сегашниот попис по план требаше да се одржи во 2021 година, но беше одложен за годинава поради пандемијата на коронавирусот.
Демографите очекуваат дека резултатите ќе покажат дека Србија има околу 600.000 граѓани помалку од што имаше во 2011 година.