Dzihat Aliju
01 Октомври 2022•Ажурирај: 04 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Сервисот на Агенција Анадолија (AA) на албански јазик денеска ја одбележува осмата годишнина од почетокот на објавувањето вести на албански јазик.
Пред осум години, на 1 октомври 2014 година, АА почна да објавува вести на албански јазик, додека на 9 ноември 2015 година го отвори своето седиште во Скопје, од каде што работи заедно со Сервисот на АА на македонски јазик.
Во изминатиот период сервисот на албански јазик забележа значителен успех.
Досега од сервисот на албански јазик се објавени над 138.000 вести, 53.000 фотогалерии и 29.000 видеозаписи за случувањата на Балканот, Туркије и во светот. Освен тоа, сервисот во овој временски период стана еден од поважните извори на вести во Северна Македонија, Косово и Албанија.
Агенција Анадолија ги објавува своите содржини на турски, англиски, арапски, француски, босански/хрватски/српски (БХС), руски, сорани и курманџи, на албански, македонски, персиски, индонезиски и шпански јазик.