Husameddin Gina
02 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Споделувањето миграциски податоци е од клучна важност за справување со сите миграциони предизвици, се истакна на денешната работилница во организација на „Прашкиот процес - Миграциска опсерваторија“, која се првпат се одржа во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На работилницата насловена како „Собирање, анализа и споделување на миграциски податоци“ се обрати и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски.
Тој, на отворањето на работилницата истакна дека во последните години како регион се соочуваме со сериозен предизвик, најпрво од безбедносен, потоа и од социјален и економски аспект.
„Во текот на 2015 и 2016 година минавме еден тежок период кој на проверка ги стави сите наши капацитети за справување со глобалните предизвици од ваков тип, притоа, соочувајќи нѐ и со одредени слабости, кои како држави мора да ги елиминираме“, нагласи Спасовски.
Спасовски посочи дека иако бројот на мигранти кои се обидуваат да поминат низ земјите од регионот кон земјите во ЕУ, е далеку од бројките во 2015 и 2016 година, заканата сѐ уште постои.
Според чешкиот амбасадор во Македонија, Мирослав Томан, минатата криза покажала дека споделувањето миграциски податоци е од клучна важност.
„Чешка имаше можност да претседава во 2009 година со Прашкиот процес. И покажа огромен интерес во креирањето одржлив дијалог кој ќе донесе конкретни резултати“, нагласи Томан.
Шефот на Одделот за политички прашања при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Лукаш Холуб, на работилницата потсети дека Македонија во минатото се соочила со многу предизвици во однос на миграцијата.
„Прашкиот процес ја обединува цела Европа во обидот да се справи со миграцијата, особено во време кога миграцијата останува сериозен меѓународен предизвик“, истакна Холуб.
Прашкиот процес е воспоставен во 2009 година за време на чешкото претседавање на ЕУ и во него членуваат 50 земји членки.