Elena Trenchevska Chekovic
30 Јуни 2025•Ажурирај: 01 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на средба ја прими комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, пренесува Анадолу.
Еврокомесарката Кос пристигна во Скопје за самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ.
По повод средбата, премиерот Мицкоски на социјалните мрежи истакна дека на состанокот се разговарало за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.
„Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација“, порача Мицкоски.
Истакна дека еврокомесарката Кос ја поздравила реформската агенда на Владата и ја потврдила поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Мицкоски посочил дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси „како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.“
Претходно, еврокомесарката Кос беше примена и од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Северна Македонија утре ќе биде домаќин на самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ.