Oktaj Omeragikj
31 Март 2021•Ажурирај: 01 Април 2021
СКОПЈЕ
Денес претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, имаше средба со претставниците на Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставниците на Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, што во себе обединува 60 невладини организации кои ја претставуваат турската заедница во Република Северна Македонија.
Претставниците на МАТУСИТЕБ на средбата ја претставија работата и севкупните активности на организацијата за зачувување и промовирање на националниот и културен идентитет на турската заедница во Северна Македонија.
Претставниците на МАТУСИТЕБ го информираа претседателот Пендаровски за формирањето и активностите на Националното координативно тело за попис на турскиот народ во Република Северна Македонија, како и за нивните заложби за спроведување успешен попис.
Претседателот Пендаровски ја изрази својата поддршка за напорите на организацијата за соодветна и правична застапеност во пописните комисии, со цел резултатите од пописот да дадат реалната слика од теренот.