Admir Fazlagic
15 Септември 2017•Ажурирај: 17 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стотина граѓани и вечерва протестираа пред Собранието на Република Македонија против усвојувањето на Предлог законот за употреба на јазиците за кој овие денови расправаат пратениците во Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Иницијатори и организатори на протестот се граѓанските здруженија „Тврдокорни", Светски македонски конгрес, како и други здруженија кои побараа Владата да го повлече Предлог законот за употреба на јазиците од собраниска процедура.
Еден од организаторите на овие протести, Тодрор Петров од Светскиот македонски конгрес во својот говор пред присутните пред Собранието на Република Македонија потсети дека денеска се одржува третиот по ред протест со кој се бара да не биде усвоен Предлог законот за употреба на јазиците.
„Овој предлог закон да не се донесе заради демократијата на Македонија, заради мирот и стабилноста во земјата, заради почитувањето на еднаквоста, правата и слободите на сите пред уставот и законите во Македонија. Денеска доставивме барање до Собранието потпишано од претставниците на организаторите на протестите, пратениците да не го усвојат Предлог законот за употреба на јазиците. Доставено е барање и до Владата да го повлече Паредлог законот од собраниската процедура бидејќи е неуставен, не е европски ги руши унитарноста и територијалниот интегритет на државата, ја редефинира државноста, ги дискриминира помалите етнички заедници, ја дестабилизира земјата и врши мајоризација на малцинството врз мнозинството и секако не смее да се злоупотребува пред престојните локални избори. Потребна е претходна стручна и научна дебата и решение за јазичните права во согласност со уставот на Македонија", порача Петров.
Страшко Олумчев, претседател на Семакедонскиот национален совет „Македониум" рече дека со Предлог законот за употреба на јазиците само се докажува дека одредени центри на моќ работат на уништување на државата Макеоднија и нејзиниот народ.
„Комиетот 300, меѓународната кризна група разните институти по белиот свет за геостратешки и политички планирања, работат на ништење на македонкиот народ и македонската држава. Ова денес што се случува е диктирано од центрите на моќ коишто сакааат во име на светскиот поредок да ја уништат македонската држава", порача Олумчев.
Граѓаните кои протестираат порачаа дека ќе протестираат се додека не бидат прифатено нивното барање - пратениците да не го усвојат Предлог законот за употреба на јазиците.
Собраниската Комисија за политички систем во понеделник ја почна расправата за Предлог-законот за употреба на јазиците, откако претходно, минатата недела, Комисијата за европски прашања го помина законот во прво читање. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја прекина седницата поради обврски на партиите за поднесување кандидатски листи за локалните избори и најави дека ново продолжение дополнително ќе биде закажано.
Предлог законот за употреба на јазиците предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.